Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, денeска (четврток, 1 август) го прими полскиот композитор и диригент, маестро Кшиштоф Пендерецки, кој гостува задутре во рамки на полската вечер на „Охридско лето“ и ќе настапи со Македонската филхармонија.
На средбата со Пендрецки, присуствуваше и министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска. Потенцирајќи дека „Охридско лето“ повеќе од половина век ја слави креативната духовна уметност преку музиката и театарот, претседателот Иванов во текот на разговорот изрази задоволство што македонската публика ќе има можност да проследи настап на светски значаен уметник, настап што истовремено е од особено значење и за афирмација на Република Македонија на светската културна мапа дотолку што концертот на маестро Пендерцеки во Охрид се одржува во годината кога низ целиот свет се реализираат концерти по повод јубилејните 80 години од неговото раѓање.
Срдечно добредојде на маестро Пендарецки му посака и министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска која рече дека од големо значење е еден композитор чие име децении наназад е симбол за највисок уметнички квалитет за прв пат да настапи на фестивалот „Охридско лето“.
Маестро Пендерецки се заблагодари за гостопримството и изрази задоволство од можноста за средба со македонскиот претседател кој традиционално е покровител на фестивалот „Охридско лето“.
Полскиот композитор и диригент ја поздрави поддршката која претседателот Иванов во континуитет ја дава на културните манифестации и изјави дека се чувствува особено среќен и почестен што ќе настапи пред македонската публика во Охрид заедно со познати солисти и со Македонската филхармонија.