Здруженијата за ретки болести од Македонија и Бугарија денеска (7 септември, сабота), во 12:00 часот, во хотел ВИП, Скопје организираат средба, а утре (недела, 8 септември) ќе бидат дел од планинарската тура „Искачување на Голем Кораб“.
Националната Федерација за ретки болести од Бугарија ја искажува својата поддршка кон Македонските пациенти со ретки болести со тоа што се приклучува кон искачувањето на Голем Кораб на 8-ми септември. По тој повод се организира и оваа средба на која ќе бидат разменети искуства и информации за подобрување на квалитетот на животот на пациентите и семејствата со ретки болести.
Здружението на граѓани за ретки болести „Живот со Предизвици“ оваа година ќе се приклучи кон искачувањето на Голем Кораб на 8-ми Септември, во организација на Планинарскиот Клуб „Кораб“ под мотото „До врвот, за подобар живот!“, и на врвот ќе го однесат знамето на „Живот со Предизвици“ во име на пациентите со ретки болести.
Оваа активност се реализира во име на пациентите со ретки болести кои немаат третман и не можат да се приклучат кон ваков спортски предизвик, и со цел подигнување на јавната свест за ретките болести и подобрување на квалитетот на животот на пациентите и семејствата кои се соочуваат со ретки болести.
Планинарскиот клуб Кораб, по 22-ри пат ја организира традиционалната меѓународна планинарска акција ИСКАЧУВАЊЕ НА ГОЛЕМ КОРАБ (2754 м.н.в), на 8-ми Септември, 2013год, недела.
Патеката на искачувањето е со должина 18.160 метри во двете насоки. Истата е маркирана и обезбедувана од водачите на ПК Кораб, а на самата патека ќе има три пункта за помош и превенција. Стартната позиција е на висина од 1280 метри надморска височина.