По четири недели снимање во Преспа, екипата на „Деца на сонцето“ – филмот на Антонио Митрикески се сели во Скопје, каде што ќе снима уште две недели.
Режисерот Митрикески е повеќе од задоволен од сработеното:
„Она што најмногу ме радува е што работам со извонредно добро организирана екипа. Нема да се стеснам да кажам дека оваа екипа е досега најподготвена и најпрофесионална од целокупното искуство, кое досега сум го имал на филм. Се придржуваме стриктно до зададените планови и не само што не дозволивме да доцниме ниту ден, туку сме и малку понапред од планираното. Земете предвид дека имавме масовни сцени по десетина актери во кадар, кои ги работевме во екстериерни услови, на зајди сонца, и сепак успевавме да ги снимивме во рок и да го фатиме тој величествен момент кога сонцето заоѓа и немавме потреба да доцниме или да преснимуваме. Имавме сцени со глумци од 7 до 77 години, тешки за снимање, во вода, на чамци, а сепак успеавме без нервози и доцнења да ги снимиме. За искусните актери кои играат во филмот, немам коментар, тие се вистински магови во својата работа, како Владо Јовановски, Милица Стојанова (чија улога и е досега најголема на филм), Мето Јованоски, Билјана Танески, босанската ѕвезда Емир Хаџихафизбеговиќ, Данчо Чеврески, Александар Микиќ, Камка Тоциновски…. а младата актерка Ивана Павлаковиќ, која ја игра главната улога и која дебитира на филм е големо откровение за мене. Чудо од актерка. Допрва ќе се слуша за неа. Таа ги надмина моите очекувања. Начинот на кој има чувство пред камерата и за тоа како ја сака камерата, ќе се уверите и самите. Не можам, а да не го споменам и младиот актер нејзин партнер во филмот Кире Ѓоревски, кој исто така многу автентично го пресликува ликот на Марко. Феноменален е!“ вели Митриќески.
Она што е карактеристично е тоа што поголемиот дел од филмот досега е сниман со камера во рака. Особено масовните сцени со многу актери во нив и сцената со пожарот за која се користени две камери од рака. За овој филм режисерот и директорот на фотографија Јарек Шода користат светла гама, иста како во неговиот прв филм „Преку езерото“.