Скопје доби Центар за управување и контрола на сообраќајот

Градоначалникот Скопје, Коце Трајановски, заедно се претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски, и министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, денеска (петок, 26.07.2013 година) и официјално го пуштија новоопремениот Центар за управување и контрола на сообраќајот, којшто е лоциран во просториите на Меѓуградската автобуска станица.

CUKS otvoranje 26.07 (3)

Со Центарот се веќе поврзани 30 крстосници во градот од коишто може да се врши прибирање на податоци за сообраќајот во реално време, 24 часа седум дена во неделата, може да се управува семафорскиот систем, односно семафорите може да се исклучат или да се префрлат да работат на жолто трепкаво светло, може да се следи работата на светлосните сигнали во реално време и може визуелно да се набљудува сообраќајот.

Формирањето на овој центар е дел од проектот за Автоматизирано управување на сообраќајот во Скопје кој почна да се реализира на почетокот на оваа година и е финансиран со заем од Европската банка за обнова и развој во износ од 2,6 милиони евра, грант од ЕУ ФП7 програмата за истражување и развој, во рамки на проектот ЦИВИТАС РЕНЕСАНСА (CIVITAS RENAISSANCE), во износ од околу 220.000 евра, како и со техничка помош од Австриската влада во вредност од околу 700.000 евра.

CUKS otvoranje 26.07 (2)

CUKS otvoranje 26.07 (4)

Главните функции на Центарот за управување и контрола на сообраќајот ќе бидат прибирање на податоци за сообраќајот во реално време, управување со семафорскиот систем, визуелно набљудување на сообраќајот, давање приоритет на возилата од јавниот градски превоз и информирање на возачите. За таа цел на околу 90 крстосници во коловозот се инсталираат детектори кои ќе бројат и детектираат возила, се поставуваат 50 камери преку кои ќе се врши визуелен мониторинг на сообраќајните токови и се инсталираат 47 нови семафорски контролери. За меѓусебно поврзување на крстосниците, како и нивно поврзување со Центарот за управување и контрола на сообраќајот е предвидена оптичка мрежа која треба да овозможи пренос на податоците до Центарот за управување и контрола на сообраќајот и обратно. Со овој проект е предвидено и да се постават 5 сообраќајни знаци со променлива содржина кои ќе ги информираат возачите за состојбата со сообраќајот во реално време. Со формирањето на овој Центар, на крстосниците ќе се воведе адаптивна контрола на сообраќајот. Тоа значи дека во иднина семафорите на овие крстосници ќе работат во зависност од сообраќајното оптоварување, односно зеленото светло нема да биде фиксно како што е денес, туку ќе биде променливо во зависност од бројот на возила кои поминале преку детекторите инсталирани во коловозот – рече денеска градоначалникот Трајановски.

CUKS otvoranje 26.07 (1)

Тој нагласи дека со реализацијата на овој проект ќе се намали времето на патување и времето на чекање за поминување на крстосниците, ќе се намали загадувањето од сообраќајот на животната средина и потрошувачката на гориво, а ќе се зголеми комерцијалната брзина во јавниот транспорт.

Изведувач на работите е СВАРКО СИСТЕМС (SWARCO SYSTEMS) од Германија, додека софтверот за адаптивна контрола и управување на сообраќајот е набавен од МИЗАР Аутомационе (MIZAR Automazione S.p.A) од Италија.

You May Also Like