Симон Трпчески дебитира во Мексико и Колумбија

Нашиот пијанист од светски глас Симон Трпчески новата концертна сезона ја започна нетипично за него, уште во првите денови од август, со два настапа на Котор Арт фестивалот во Црна Гора (подетално за нив, подолу) и неколку во Норвешка во рамките на Ставангер музичкиот фестивал.

Marin Alsop i Simon Trpceski na scenata na Carnegie Hall vo 2010 (Medium)

Во меѓувреме, неговиот последен компакт-диск со снимка од рециталот во лондонски Вигмор Хол деновиве беше прогласен за издание на неделата на престижното „Класик еФ еМ“ радио во британската престолнина.

Синоќа (22 август), Трпчески го имаше својот деби рецитал во Мексико Сити. Ниту малиот земјотрес во текот на вчерашниот ден не беше пречка нашиот пијанист да му се радува на вечерашниот настап. „Навистина е прекрасно овде, луѓето се со менталитет сличен на нашиот и се надевам дека ќе имам прилика да научам нешто повеќе за нивната култура. Свирам солистички концерт во „Театарот на убави уметности“ во мексиканската престолнина и ќе ја изведам истата програма со која настапив во Котор: Брамс, транскрипции на Лист од Шуберт, како и Втората рапсодија на Лист“ – го откри Трпчески репертоарот во разговорот за Македонското радио.

На средбата со новинарите пред настапот тој не заборави да му оддаде признание и на големиот мексикански поет Хосе Емилио Пачеко, актуелен лауреат на „Златниот венец“ и гостин на годинашните „Струшки вечери на поезијата“.
Од Мексико, нашиот пијанист продолжува во Медејин, каде што в сабота ќе го има своето колумбиско деби.

Крајот од месецот е резервиран за враќањето во најголемата бразилска метропола по пауза од три години.
„Во Сао Пауло ќе настапам со Синфонискиот оркестар на овој град под палката на шеф-диригентот на овој но и на Балтиморскиот оркестар, водечката светска дама зад пултот Марин Олсоп. Заедно ќе изведеме две дела: Пијано концертот број 1 од Шостакович и јужноамериканската премиера на „Фантазијата на две фолклорни теми“ од Дамир Имери. Македонското дело беше вклучено во програмата и по желба на госпоѓа Олсоп, што за мене претставува посебно задоволство и чест. Таа е вистински поддржувач на ова дело што не е за изненадување со оглед на нејзиниот голем интерес за современата музика и почитта што ја има кон македонската музика. Свириме 3 вечери едно по друго, на 29, 30 и 31 август“ – изјави Трпчески за Македонското радио.

 

Носителот на македонскиот идентитет низ светот веќе на почетокот од следниот месец ќе биде солист на Филхармонискиот оркестар од Лос Анѓелес на отворената сцена на прославената „Холивуд Боул“ во „Градот на ангелите“.

You May Also Like