Сергеј Андреевски и Решат Ахмети се македонските претставници на симпозиумот ДунАрт што беше отворен синоќа (недела, 9 септември, 2012), во гратчето Шаморин близу Дунав. На изложбата која го отвори симпозиумот учествуваа уметници од седум земји.
ДунАрт има за цел да воспостави комуникации помеѓу локалните, националните и еминентните интернационални уметници и да ги елиминира бариерите помеѓу уметниците и публиката, но и помеѓу различните уметнички жанрови. Андреевски и во Шаморин се претстави со сликарски перформанс во негов препознатлив стил, кој тамошните медиуми го проследија објавувајќи го на повеќе портали.
Делата создадени на оваа меѓународна работилница ќе бидат дел од колекцијата, која ДунАрт ќе ја подари на градот Шаморин како поддршка на иницијативата за формирање музеј на современа уметност.
Изложбата ќе биде поставена во просториите на Калвинистичката црква – најстариот културно-историски објект на градот до крајот на месецов, а потоа ќе биде пренесена во Будимпешта.