Се подготвува Стратегијата за млади на град Скопје

Денеска (12 јуни), во просториите на Град Скопје, се одржа Конференција на тема „Стратегија за млади на град Скопје“. Оваа конференција е дел од проектот „Креирање на локална младинска стратегија за град Скопје“, проект што  Коалиција на младински организации СЕГА го спроведува со поддршка од Град Скопје и Регионот на Долна Нормандија.

 

На Конференцијата присуствуваа невладини организации, претставници на скопските oпштини,  како и професори од средните училишта на Град Скопје.

Конференција има за цел да придонесе за подобро креирање на Нацрт- стратегијата за млади на Град Скопје преку дефинирање на приоритетните насоки и цели. На оваа конференција и претходеше процес на утврдување на потребите на младите преку спроведување на анкетно истражување во десетте општини кои припаѓаат на Градот Скопје.

На официјалното отворање на Конференцијата воведен говор имаа Гордана Цекова, раководител на сектор млади во Агенција за млади и спорт на Р. Македонија и Зоран Илиески, Извршен директор на Коалиција на младински организации СЕГА.

Г-ѓа Цекова истакна дека Агенција за млади и спорт го поддржува креирањето на младински стратегии во општините. Воедно таа истакна дека 13 општини во Република Македонија веќе усвоиле вакви стратегии, и го поздрави процесот на креирање на Младинска стратегија на Град Скопје којшто треба да послужи како пример за другите општини на територијата на Град Скопје.

Господин  Илиески ги информираше присутните за проектот и за процесот на утврдување на потребите на младите на Град Скопје. Тој смета дека општините треба да покажат грижа за младата популација преку креирањето на ваква локална младинска стратегија.

Ова е втора ваква Конференција, по онаа што се одржа во месец ноември минатата година. На Конференцијата во 2012-та година беа изложени наоди од младински истражувања кои укажуваат на националната состојба во сферата млади и младинската политика, притоа тие истражувања се осврнуваат на конкретните области кои ги третира и Националната стратегија за млади. Во рамки на конференцијата се реализираа 4 работни групи кои покрија 8 области кои се дефинирани во Националната стратегија за млади и тоа: образование; младинско самовработување; квалитет на живеење; здравство и превенција;  партиципација на младите; младинско информирање; култура; локална младинска работа. Со цел да се истражат специфишните потреби на младите луѓе на ниво на град Скопје, Коалицијата СЕГА и Град Скопје спроведоа анкета на репрезентативен примерок од 591 млади луѓе од 10 општини на територијата на град Скппје. Со анкетата беа опфатени млади на возраст од 15 – 29 години од сите етнички заедници во Македонија. Анкетата опфати прашања од дефинираните 8 области според Националната стратегија за млади, а се спроведуваше од млади луѓе/анкетари. Резултатите од Анкетата имаат за цел финално дефинирање на долгорочните цели и мерките во рамки на локалната младинска стратегија за град Скопје. Анкетата покажа дека од сите прашања најгорливо е прашањето на самовработување на младите.

Од денешната Конференција, се очекува да се искристализираат најважните точки на дејствување што до крајот на летото треба да бидат втемелени во еден унифициран документ, насловен како „Стратегија за млади на град Скопје 2014-2018“, што ќе биде промовиран и за којшто ќе се расправа на следната средба закажана за почетокот на месец септември  годинава. До сега Стратегии за млади се изготвени во Општина Илинден и во Општина Кисела Вода и во десеттина други Општини во Република Македонија.

You May Also Like