Во манастирскиот комплекс на Црквата Св. Спас во Црешево, по шести пат се одржа манифестацијата „Ревија на народни носии, народни инструменти и песни“, која како единствено културно случување од ваков вид во Македонија, излегува од рамките на посетеност само на жителите од општина Гази Баба.
Големиот број на посетители имаа можност да се воодушевуваат од спојот на прекрасниот колорит на македонската народна носија, звуците на народните изворни инструменти, на прекрасните гласови на нашите македонски песнопојци и на орото, она кое како традиција се пренесува од колено на колено од нашите претци на младите генерации, како и на народните умотворби.
На сцената продефилираа машки и женски модели кои носеа носии од повеќе краеви на Република Македонија.
Оркестарот на изворни инструменти, КУД „Никола Јонков Вапцаров“ од Делчево, Виданка Ѓорѓиевска, групата „Соната“, Ибуш Ибраимовски, се погрижија публиката да ги слушне старите изворни песни, отсвирени на изворни инструменти, а играорците со нивните изведби да не вратат во минатото, кога орото го отсликувало начинот на живеење, радоста, тагата и маката на македонскиот народ.
Актерите Ѓокица Лукаровски и Снежана Коневска Руси, изведоа драматизација на умотворби од македонското народно творештво, собрано во делата на Марко Цепенков.
Медиумски покровител беше Македонската радио и телевизија, која ја снимаше оваа Манифестација и ќе ја емитува во рамките на својата програмска шема.