Семинар во чест на режисерката Андријана Цветковиќ во Јапонија

Во салата „Шинран“ во Кјото се прикажаа три краткометражни филмови на режисерката Андријана Цветковиќ снимени во Јапонија, кои изминатиов мај беа премиерно прикажани во Кинотеката на Македонија.

film_tracks (copy)

Филмовите на Цветковиќ се дел од еднодневниот филмски семинар „Picturing Japan and the Japanese beyond Borders: The World of Three Global Visual Artists in Short Films“, што Кјото Универзитетот, еден од највисокорангираните во Азија и светот, го организира во нејзина чест.

Андријана Цветковиќ е филмски режисер и научник, специјалист по јапонски и азиски студии. Таа е прв доктор на науки по филмска уметност во Република Македонија, а со докторатот се стекна на Универзитетот „Нихон“ во Токио во 2009. Цветковиќ во моментов е визитинг-професор на Универзитетот Кјото, Центарот за азиски студии, каде што освен со предавањата е ангажирана и со истражувања на Источна Азија и моќта на таканаречениот „soft power“ или културолошкиот аспект и влијанието кое поп-културата, филмот и телевизиските серии го имаат на глобалната политика во регионот. Во изминативе неколку години Цветковиќ одржа серија предавања на Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА Париз – Скопје – Њујорк, каде што е визитинг-професор.

Таа е режисер на околу 30 краткометражни филмови, кои повеќекратно се наградувани на интернационални филмски фестивали. Андријана Цветковиќ е и главен режисер на ТЕД говорите во Кјото.

Освен филмовите на Андријана Цветковиќ, на филмскиот семинар ќе се прикажат и филмови на двајца успешни режисери од Сингапур и Малезија, Лим Ках Ваи и Едмун Јео.

извор: Утрински весник

You May Also Like