Денеска (четврток, 18 јули 2013 година(, со почеток во 21 часот, во City Jazz Club MОЈО (ул. Луј Пастер бр. 3А, позади поранешно кино Култура) ќе се одржи настанот под наслов „За одговорноста пред себе и другиот“.
Ова е петти и последен настан од проектот ПЕТ ВАРИЈАЦИИ НА СТАТИЧНОСТА: ТИШИНА конципиран и реализиран од кураторката Ивана Васева од организацијата ПРОЕКТЕН ПРОСТОР ПРЕС ТУ ЕГЗИТ од Скопје со што се заокружува и завршува оваа кураторска идеја.
Настанот „За одговорноста пред себе и другиот“ кој, следејќи ја веќе поставената траекторија на теми поврзани со човековото себе-активирање и односот со другиот, зборува за последниот чин на делување, кој може да биде и прв, а тое е одговорноста. Во овој контекст одговорноста е сфатена како предуслов, придружен елемент но и финален исход од една взаемност.
Оттаму, овој последен настан кој во синџирот на емоции и реакции кои започнаа со љубовта или внатрешниот порив, хуманоста, сочувството и акцијата, ќе се обиде да го деконструира неприкосновеното чувство на одговорност и потребата од заедништво кое со себе носи не само индивидуален туку и колективен влог.
Проектот „ПЕТ ВАРИЈАЦИИ НА СТАТИЧНОСТА:ТИШИНА“, кој сакаше да проговори за одговорноста на уметноста и за нејзината улога во современото општество, започна и завршува со цитат од Платон, правејќи така едно симболично заокружување на една размисла која во исто време се запрашува но и констатира: Па зарем не му е најважно на оној кој што се занимава со уметност кога ќе увиди дека наишло на „погодна душа“, а дека неговите идеи не останале јалови туку родиле со плод? Или како што вели Сократ во Платоновиот „Федар“: „Тоа е навистина така, драги мој Федар, но според мене, многу е поубава сериозната работа, кога некој, служејќи се со дијалектиката, ќе одбере погодна душа и со знаење во неа ќе сади беседи кои ќе можат да си помогнат и на себе си и на оној кој ги посеал, и кои нема да останат јалови, туку ќе родат плод, од кој во нови души непрестајно ќе никне нов посев, кој секогаш ќе му осигурува обновувачка бесмртност, а оној кој го чува, ќе го прави блажен, онолку колку што е тоа можно на земјава“.
Петтиот настан „За одговорноста пред себе и другиот“ ќе претстави една дадаистичка мини-гранд парада на експерименталниот вокално – инструментален состав „Свирачиња“ кои по долго време пауза повторно настапуваат со свој нов проект. Шоуто насловено „Лејт најт шоу- Свирачиња“ ќе го водат екстравагантни водители, ќе учествуваат специјални гости, а настанот преку музички парчиња, саркастични, зајадливи и бизарни прашања и одговори ќе понуди една надреална и хипнотична атмосфера типична за овој состав.
„Свирачиња“ е група од 5 уметници од Скопје, која се надоврзува на дадаистичката уметничка пракса (измислени јазици, музички импровизации, поезија, политички коментари). Главен елемент на нивниот концепт е импровизацијата и користењето на разновидни инструменти: детски играчки, традиционални македонски и класични инструменти, и најдени предмети.
Групата која го конципира овој настан ја сочинуваат: Владимир Лукаш, Љубиша Камењаров, Вук Митевски и Ѓорѓе Јовановиќ.