Светот го слави “Меѓународниот ден на бакнежите”

Невладините организации “Уметност на живеење Македонија”, “Арт Лајф”, “СУНА” и “Банка за храна”, ги потсетуваат сите граѓани на овој свет, дека денес (сабота, 06.07.2013 година) е ден кога во целиот свет се слави “Меѓународниот ден на бакнежите”.

Идејата за прославување на овој ден произлезе од фактот дека многу луѓе имаат заборавено за чувството на припадност и топлина кои произлегуваат од бакнежот, прегратката, насмевката, а се сосема спротивни од сегашниот начин на комуникација каде бакнежите и насмевките се испраќаат преку телефон и смарт апликации, компјутери или се остваат на социјални мрежи. Прегратката, бакнежот, насмевката,претставуваат израз на психо-социјално здраво битие кое знае да се изрази на вистински начин и воспостави релација со светот, наместо да комуницира преку социјални мрежи или телефони. Потсетете се дека со едноставен бакнеж, можете да изразите: внимание, почит, поздрав, љубов, пријателство, добра среќа или добар пат…

Целта на ова обраќање е луѓето да станат свесни дека може да се намали стресот и насилството во општеството, преку будење на позитивните вредности (среќа, радост, внатрешен мир, чувство на припадност и поврзаност со луѓето, физичко и ментално здравје) во сите сегменти и димензии во животот и овој ден асоцира токму на овие вредности.

Затоа ги повикуваме сите граѓани независно од возраста, социјалниот статус или професијата, да започнат да комуницираат со вистински личности со цел да добијат и дадат вистинска човечка топлина која се разменува преку убавиот збор, насмевката, бакнежот и прегратката.

Токму на овој ден бидете во друштво со најблиските, со пријателите, кажете им убав збор, прегрнете го оној на кој му треба утеха, подарете искрена насмевка бидејќи насмевката е бесплатна, подарете љубов, бидејќи љубовта го движи светот.

You May Also Like