Неодамна Блесок го објави романот на српската писателка Снежана Букал „Првиот снег“, во превод од српски на Катица Гароска Ацевска. Книгата е достапна во печатен и во електронски формат.
Печатената книга е објавена со поддршка на Програмата за култура (2007 – 2013) на Европската Унија и Министерството за култура на Република Македонија.
Белешка за авторката:
Родена во Белград, 1957. Во нејзиното семејство различните идеологии, вери и националности биле нешто најприродно. Нејзиниот дедо, православен свештеник, и другиот дедо, атеистички земјоделец, во нејзиното детство создале атмосфера на перспектива уште долго пред да знае што значи терминот перспектива.
На 17-годишна возраст ја добива Октомвриската награда на градот Белград за збирката поезија во ракопис „Потрага со затворени очи“. Сомневајќи се во сопствената поезија, одлучува да не издава поезија, иако во романот „Првиот снег“, напишан во Амстердам во 1998 г., се појавуваат три песни.
Во 1982 г. дипломира Компаративна книжевност и теорија на литература на Универзитетот во Белград. Во следната декада редовно објавува куси раскази. Нејзината книга куси раскази „Темната страна“, во 1986 година ја добива државната награда за најдобра дебитантска книга. Следната година ја завршува и втората книга раскази, „Чуваркуќа и други раскази“ која, поради војната, е издадена во 1994 година. Во 2006 г. го објавила романот „Милион, ќитапот на Марко Поло“, во 2013 збирката раскази „Без збогум на сето тоа“, а во подготовка се книгите „Добро утро, Колумбо“ (есеи), „Некаде во април“ (роман), „Трагови на присутност“ (раскази). Авторка е и на неколку книги за деца: „Роденденски приказни“ (збирка раскази, група автори, 1998), „Лута трева“ (збирка раскази, група автори, 1999), „Исправно погрешно!“ (збирка раскази, група автори, 2000), „Зошто Дора го удри Коен“ (детски роман, 2000) и „Тајната на детето Иво“ (2001).
Живее во Амстердам и на Корчула, каде пишува книги за деца, есеи и раскази, но и преведува книжевни дела од англиски и холандски јазик.