„Дваесет и првиот“, наградениот роман на македонскиот писател Томислав Османли деновиве е објавен на српски јазик во издание на реномираната белградската издавачка куќа „Дерета“.
Со тоа романот на Османли се појавува и на најсилната книжевна средина на нашиов, па и на поширокиот регион, во очи на реномираниот октомвриски, 59. белградски Саем на книгата кадешто и ќе биде претставен. Инаку, нашиот роман веќе се наоѓа на продлажба во двете белградски книжарници на „Дерета“. Изданието коешто под најавата „Македонскиот роман на годината 2010“ се објавува во библиотеката „Дерета ви претставува…“ како главен и одговорен уредник го потпишува книжевниот редактор и писател Александар Шурбатовиќ кој книгата на Османли ја прифати во жанровски богата програма и вонредно ја воведе во годинашна продукција на белградското книгоиздателство.
Преводот на романот на српски своевремено беше поддржан од меѓународната преведувачка мрежа “Традуки“. „Дваесет и првиот“ од македонски го преведе познатиот српски преведувач Зоран Ж. Пауновиќ, а лектурата и коректурата на српскиот превод се на Дијана Стијовиќ. Ликовно-графичката опрема на книгата ја потпишува Милан Богдановиќ. Во ова свое прво издание на српски јазик, македонскиот роман се објавува во тираж од 1.000 примероци.
Српската објава на романот доаѓа непосредно по неговото годинашно појавување во Црна Гора (во издание на ОКФ од Цетиње) и, две години порано, во Хрватска (загрепското книгоиздателство „Сандорф“).