Друштвото за издавачка дејност „Македонска реч“ од Скопје неодамна го објави романот „Седум стравови“ на босанскиот писател Селведин Авдиќ, во превод на Ленче Тосева.
Романот „Седум стравови“ на босанскиот писател и новинар Селведин Авдиќ (1969) беше пријатно изненадување и за кусо време (речиси истовремено) беше објавен во Босна, Хрватска и Србија и кандидиран и финалист за неколку високи книжевни награди на тие простори (за наградите „Јутарњи лист“ во Загреб и „Меша Селимовиќ“ во Тузла), а потоа објавен и во Англија. Прогласен е за најдобра книга во 2010 на манифестацијата „Зеничка пролет“.
„Седум стравови“ е одлично оценет од книжевната и новинската критика. Веднаш по објавувањето беше многу фален дури и наречен ремек-дело, „бомба од книга, ретко четиво со извонредно градена атмосфера“, „најдобра раскажувачка проза во Босна во 2010“… Почнува со булгаковски тип на фантастика во која нема јасни граници меѓу рационалното и ирационалното, но романот е пример на ненаметливо спојување на жанрови, и има вешт спој на демонски, енигматични, фантастични, љубовни и воени теми.
Селведин Авдиќ е роден во 1969 година, во Зеница, БиХ. Го уредува on-line списанието Журнал и емисијата на Радио БиХ Free Fight.
Во 2004 година ја објавил збирката раскази „Потстанари и други фантоми“, која е објавена и во Србија и во Босна и Херцеговина. Расказите од таа збирка се сместени во зборниците и антологиите на краткиот расказ во Хрватска, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Словенија… За расказите од оваа збирка имам добиено и неколку награди на различни конкурси на списанија. Некои од нив се преведени на англиски, германски, турски и словенечки јазик. Романот „Седум стравови“, е објавен во 2010 година.
Преводот на македонски јазик на „Седум стравови“ на Селведин Авдиќ е поддржан од литературната мрежа ТРАДУКИ.