Ретроспективна изложба на Ристо Соколов во Кавадарци

Во петокот, на 6 септември, во предвечерјето на двата големи празници, Денот на ослободувањето на Кавадарци “7 Септември“ и Денот на државноста на Македонија “8 Септември“, во ликовните салони на “Музеј Галерија“ Кавадарци беше отворена ретроспективна изложба на еден од најголемите кавадаречки и македонски ликовни уметници Ристо Соколов Сокол.

risto_sokolov_otvoranje_izlozba

Пред преполн салон беа претставени 60 дела на единствениот кавадаречки самостоен уметник, работени во неколку работни циклуси последните пет години. Станува збор за дела од циклусите “Траги“ и “Некогаш и денес“ работени со природни материјали во комбинирана техника, но и за дела кои првпат излегуваат пред јавноста, а се работени во комбинирани техники. За сите нив е карактеритичен експериментот, оригиналноста, но и иновативноста во употребата на работните материјали и техниката на работа, која впрочем е новост не само во Македонија, туку и пошироко. Сепак, во сите нив е препознатлив оригиналниот ликовен запис на Ристо Соколов Сокол на радост на бројните љубители на неговата уметност.

Впрочем тоа го покажува неверојатната посетеност на отварањето на изложбата, која според кажувањето на присутните од различни генерации, најверојатно е рекордна за отварање на изложба во Кавадарци.
На отварањето на изложбата за ликовниот и животен пат на Ристо Соколов Сокол зборуваа Петар Камчевски, виш кустос и директор на “Музеј – Галерија“ Кавадарци, Горица Пеливанова Вилхелм, Претседател на Советот на Општина Кавадарци и познатиот ликовен уметник Ванчо Кеков.

Изложбата ќе биде отворена до 19 септември, по што истата поставка патува за Велес, каде во тамошниот престижен Ликовен салон ќе биде претставена пред велешките љубители на уметноста.

You May Also Like