Јавната установа МКЦ во летните горештини продолжува со градежните зафати за реконструкција и обнова на објектот.
По спроведената постапка за јавна набавка, денес е склучен договорот со најповолниот понудувач за реконструкција на Џебното Кино при ЈУ МКЦ – Скопје.
Со тоа, и официјално ќе започне целосната реконструкција на овој култен простор со која ќе бидат опфатени: реконструкција на подот и ѕидните површини, спроведување на целосна акустика и звучна изолација, поставување на ново проекциско платно, ново озвучување, нов проектор, нов систем за затоплување и ладење, како и нови анатомски столици за попријатно искуство при следење на програмата.
Со оваа реконструкција, Џебното кино ќе биде проширено, со капацитет од осумдесет седишта, и конечно ќе ги исполни условите за приклучување кон европската Арт Кино мрежа, за што ЈУ МКЦ е во завршни преговори, а пак, на љубителите на филмот, ќе им биде овозможено сладење со редовен кино репертоар на Арт филмови, нешто, кое недвојбено беше насушна потреба во градската кино понуда.
Покрај приоритетната програмска определба, филмската дејност, мултифункционалноста ќе овозможи во новиот ентериер да се одвиваат и програмски содржини од останатите области кои ги негува Младинскиот Културен Центар. Така, покрај поставувањето на системот на “лесно подвижни” столици, кои во зависност од потребите во секој миг ќе можат да се извадат и/или пак преместат, ќе биде монтирана и конструкција за светлечки тела, со што во новиот простор ќе имаме можност да погледнеме камерни театарски претстави, музички концерти, поетски/прозни читања, работилници, предавања…
Реконструкцијата ќе трае до крајот на август, а веќе на претстојното 38 издание на меѓународниот театарски фестивал МОТ, ќе се одржи и првата програмска активност, театарска претстава со која и официјално Џебното Кино ќе започне да функционира.
Покрај реконструкцијата на Џебното кино, во рамките на истата јавна набавка, ќе бидат заменети и сите (стотина) дотраени врати и прозорци во ентерниерот на ЈУ МКЦ, со нови, алуминиумски, со термоизолациски мост, кои соодветствуваат со востановените европски стандарди за енергетска ефикасност.
Огромна благодарност кон ктиторот кој ги обезбеди средствата за горенаведените зафати, Градот Скопје.