Најава за радио концертот на Бојан Петков на Канал 103. Бојан, кој е гитарист на групата Летечки Пекинезери, на 07.07 (недела) во 22 часот, во емисијата “Ако никој не свири” во живо ќе ја претстави музиката на која работи веќе неколку години и дело што претставува интимен творечки израз кој авторот реши да го сподели со светот.
По успешното прво претставување на оригиналните дела на Бојан во пролетта 2011-та на истата фреквенција, на ред дојдоа новите и нечуени песни за кои веруваме дека ќе го украсат амбиентот на неделната вечер и ќе ви ја исполнат топлата летна ноќ. Питоми, искрени, меланхолични и емотивно прецизни, песните на Бојан ќе понудат една сосема поинаква звучна перспектива.
“Луперот” (педала која овозможува музичарот да се придружи сам себе) на Бојан е единствен сојузник на неговата гитара, што подразбира дека тој самиот ќе ја ѕида и надоградува својата идеја, чија крајна цел е унифициран и конечен звук кој предизвикува дури и во соло форма.
Жанровската категорија во која припаѓаат песните на Бојан не е нешто што треба да се дефинира, туку да се прилагоди на личното расположение и да флертува со емоцијатаа. Стиловите се отворени а слушателот е поканет да ја прифати музиката како и да милува, што е повеќе од доволна причина да ве поканиме да се вклучите на Стотројка во недела во 22.