Денеска (четврток, 2 октомври) во 19:00 часот во Порта Макеоднија ќе биде промовиран „Речник на македонските народни празници, обичаи и верувања“ од д-р Л. Ковачева и м-р Л. Боцева. Промотор на книгата е Марко Китевски, а издавач Центарот за културно и духовно наследство.
Кога се говори за религијата, како производ на народната духовна култура и традиција, треба да се каже дека е стара колку и човештвото. Обележјето на народната духовна култура се изобилствата на верувањаи обичаи, преточени во магиско-обредни дејства кои се исползуваат во обредите и ритуалите при празнување на празниците, кои понатаму се толкуваат како народна традиција.
Народните обичаи и верувања во македонската народна традиција потекнуваат од најдалечното минато. Тие скоро секогаш се придружувани со разни таинствени и мистични дејства, кои народот ги употребувал во разни прилики и од разни потреби при празнувањето на празниците, верувајќи при тоа дека од тоа ќе има некаква помош и корист. Народните верувања и обичаи исползувани за време на празниците имаат различна намена, првично здравје, потоа среќа и благосостојба на оние кои го празнуваат празникот, на пр. заштита на здравјето на домашните, сочување на имотот, зголемување на родот, излекување на болниот итн.
Сакралните значења на религиските празници празнувани на колективно ниво во заедницата, во себе содржат одредена социјална димензија, при што заедницата преку самиот чин на верување и празнување, ја докажува кохезијата на групата и нивната претстава за заедништво кон толкувањето и почитувањето на божествените сили. Значењето на обичаите не лежи во самиот чин на демонстрирање, туку во она што е ритуалот и што всушност тој претставува. При демонстрирањето на обичаите, кај секој учесник се забележува интелектуално дејство кое е обоено со емоции, без разлика на степенот на културата или менталната средина. При толкувањето на симболизмот на верувањата и обичаите, многу е важен односот кон причината и последицата. Обичаите, без разлика колку и да изгледаат апсурдни и наивни, доколку се сфати нивната симболичка смисла, стануваат рационални и разбирливи.
Оттаму, целта на овој речник е да даде еден целосен увид во македонските народни верувања, обичаи и празници, кои како рудименти, иако видоизменети согласно модерните сфаќања, сè уште се исползуваат на територијата на Р. Македонија меѓу македонскиот народ.