Вечерва (вторник, 30.04. 2013) во малата сала на Центарот за култура „Антон Панов“ Струмица ќе се промовира најновата збирка раскази на Лазар Партиков „И јас го видов Тито“.
Критички осврт за новата книга на Партиков ќе даде м-р Ана Витанова Рингачева, а делови од неа ќе читаат м-р Наташа Василевска Трајчевска, Марија Темелкова и Ангел Запров.
Во најновата збирка раскази на Партиков се најдоа расказите од циклусот со работен наслов „Поројот на моето детство“, кои авторот ги објавуваше на својот блог во периодот од 2008/09 година и четири раскази во посебен циклус – ЖЕНИ, кој веројатно претставува најава за новата збирка на авторот.
За најновата книга раскази на Партиков, м-р Ана Витанова Рингачева, меѓу другото ќе запише:
„ …Воведувајќи го нараторот дете, давајќи му ја можноста да раскажува во прво лице, авторот создава момент на воскреснување на детето во секој од нас, момент на долгоочекуваната средба на заспанатото дете и забревтаната душа на возрасен човек, залутана по беспаќето на катадневната избезуменост. Нарацијата во прво лице се насетува уште во насловот на збирката ,,И јас го видов Тито”, наслов кој скокотливо ја вознемирува љубопитноста на потенцијалниот читател. Нараторот дете функционира како алтер-его на писателот, но истоврмено претворајќи се во алтер-его и на читателот. Во прозата на Партиков, релацијата автор – наратор – читател функционира двонасочно, на моменти читателот е директен учесник во нарацијата, има чувство дека тој е авторот… Воодушевува богатата колоритност на раскажувањето која не само што ги бои ликовите, туку и ентериерно и екстериерно го облагородува амбиентот. Секој детал функционално поставен, до крај си ја извршува својата функција (примерот со коментарот за раскажувачките способности на таткото, нешто што нараторот го наследил, а и авторот исто така). Не сакајќи го начнуваме прашањето за изедначување на авторот со нараторот, аспект достоен за анализа, но во некои други моменти на критичарски предизвик. Аспекот на гледање на нештата е строго детски без при тоа да им се даде ни минимална шанса на возрасните да го превземат кормилото на нарацијата. Нарацијата како филтер ја поминува артикулацијата на оригиналната способност на детската перцепција да ги анализира нештата од поинаков агол, непознат за возрасните.“