Промоција на монографијата за локалитетот Руг Баир на Василка Димитровска

Центарот за научни истражувања и промоција на културата „Хаемус“ – Скопје’’ ве  поканува на промоција на монографијата „Камена индустрија са неолитског локалитета  Руг Баир – Република Македонија“, од м-р. Василка Димитровска, на ден 16.05.2013 год. (четврток), во градската библиотека Браќа Миладиновци, со почеток во 12:00 часот.

Модератор на промоцијата на оваа книга ќе биде м-р Ели Пешева, а во улога на промотор ќе се појави проф. д-р. Никос Чаусидис. Авторот м-р. Василка Димитровска ќе се обрати кон публиката со кратка презентација за оваа монографија.

Веднаш по промоцијата, книгата  во издание на  ХАЕМУС, ќе биде достапна во електронска форма и ќе може да се превземе на следниот линк: http://haemus.org.mk.

————————————————————

Овој труд ги опфаќа непубликуваните камени наоди од ископувањето на локалитетот Руг Баир кај с. Горобинци (Свети Николе). Преку научна обработка на  каменот материјал, направен е обид да се добие покомплетна слика за суровинските, техничките и типолошките особини на неолитската камена индустрија од овој локалитет и нејзиниот однос со сродните истовремени индустрии.

Пристапот е сведен на петрографски и технолошко-типолошки анализи преку дефинирање на основните категории и типови на ордија врз основа на морфолошки карактеристики на артефактите. Резултатите од анализата и аналогијата со другите камени индустрии во неолитските култури на југо-источниот Балкан, придонесоа за понатамошно разјаснување на одредени процеси во регионалниот контекст, кои се случиле во времето на неолитот на територијата на Република Македонија и на Балканот.

Со оваа книга е направен обид по методолошки пат на едно место да се сублимираат наведените аспекти од проучавањата на камената индустрија, кои ќе придонесат, овозможат и ќе ги олеснат и понатамошните истражувања на идните генерации археолози во Република Македонија.

Инфо за авторот:  Василка Димитровска е магистер по археологија и ко-основач на Центарот за научни истражувања и промоција на културата „Хаемус“ – Скопје, Македонија. Учествува во археолошки ископувања, а има публикувано голем број на научни и популарни текстови на теми поврзани со археологијата и културното наследство. Нејзиното поле на научен интерес е праисторијата, пред се’, камените алатки,  технологијата и суровините потребни за нивно добивање.

You May Also Like