Промоција на „Лирскиот дом на Ацо Шопов“

Утре (8 октомври, среда), со почеток во 10:00 часот, Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ организира промоција на повеќејазичниот интернетски портал „Лирскиот дом на Ацо Шопов“.

aco_sopov_2

 

Промоцијата на „Лирскиот дом на Шопов“ ќе се одржи во салата за седници на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“.

Со промовирањето на овој интернетски портал кој претставува настан во македонската културна средина, Филолошкиот факултет во Скопје го одбележува големиот седумдецениски јубилеј од објавувањето на првата поетска книга во слободна Македонија – стихозбирката „Песни“ од Шопов.

На промоцијата на интернетскиот портал на кој голем дел од творештвото на Шопов и критичките осврти за него се достапни и на француски, шпански и германски јазик, поздравна реч ќе одржи проф. д-р Славица Велева, декан на Филолошкиот факултет, а слово за поетот и за порталот на кој е објавен и обемен, дигитализиран архивски материјал ќе одржи проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, раководител на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности, по што содржините на порталот кој со оваа промоција, за првпат ќе биде претставен пред јавноста, поопстојно ќе бидат претставени од Јасмина Шопова, носител на проектот „Лирскиот дом на Ацо Шопов“, препејувач и ќерка на поетот.
Иницијативата за овој интернетски портал, кој нуди панорама во зборови и слики на животот и делото на Ацо Шопов доаѓа од Ролан Кајзер – директор на издавачката куќа „PHI“ од Луксембург и од Јасмина Шопова, носител на проектот „Лирскиот дом на Ацо Шопов“, препејувач и ќерка на поетот, која и во рамки на промоцијата, поопстојно ќе ги претстави содржините на порталот. Токму издавачката куќа „PHI“ и технички го оформи и го одржува овој интернетски портал.
По повод промовирањето на интернетскиот портал, директорот на издавачката куќа „PHI“ од Луксембург истакнува: „ Ацо Шопов е првиот од многубројните светски автори што сме ги објавиле во „PHI“ на кој му посветуваме толку богат повеќејазичен интернетски портал. Јас бев импресиониран од интересот што го пробуди изборот од поезијата на Ацо Шопов, што го објавивме на француски и германски јазик, под наслов „Црно сонце”, и којшто го промовиравме во МАНУ, во мај 2012 година. За мене претставува огромно задоволство што по две години напорна работа, мојата идеја за еден ваков портал стана реалност и што ’Лирскиот дом на Ацо Шопов’ денес ѝ станува достапен на македонската публика, како и на публиката од француското, германското и шпанското говорно подрачје.“

You May Also Like