Во петокот (19 април, 2013) во ЕУ Инфо Центарот, претставниците од регионалната мрежа SIGN одржаа прес конференција и претставување на самата мрежа.
Говорници на конференцијата беа Миа Вукојевиќ (Извршен директор на Балканскиот фонд за локални иницијативи – БЦИФ; Србија) и Зоран Стојковски (Извршен директор на Центарот за институционален развој-ЦИРа; Македонија).
Миа Вукојевиќ даде преглед на проектот „SIGN за одржливост“ кој е регионална иницијатива имплементирана од регионалната мрежа SIGN и фининасирана од Европската Унија преку Инструментот за предпристапна помош за зајакнување на граѓанското општество (IPA-CSF) и кофинасирана од Балканскиот фонд за демократија ( Balkan Trust for Democracy – BTD). Вкупниот буџет на овој проект изнесува 687.740 евра.
Вукојевиќ ги претстави активностите на проектот фокусирани кон три главни прашања: подобрување на законската рамка за развојот филанторпија во земјите од Западен Балкан, пренос на научени вештини и промоција на најдобри практики, и зголемена локална поддршка и поголема вклученост на граѓаните во работата на граѓанските организациии. Воедно г-а Вукојевиќ го објасни и процесот на одржување на Академијата за одржливост, во кој во секоја земја ќе учествуваат по 15 локални граѓански организации, како и поддршката која ќе им биде дадена со цел да адресираат прашања во нивното поле на работа преку поттикнување на донации од граѓани и претпријатија. Износот на средствата кои ќе го соберат понатаму ќе биде дуплиран од проектот и сите средства ќе бидат искористени за реализација на покренатите иницијативи. На пример, ако една организација успее да собере 2000 евра од комапнии, индивидуалци или други извори за на пр. реновирање на детско игралиште, уште 2000 евра за реализација на иницијативата ќе и бидат доделени од средствата на ЕУ проектот спроведуван од мрежата SIGN. Ваквиот пристап (доделување на таканаречени “поттикнувачки грантови” (“challenge grants”) имаат за цел да ги мотивираат организациите да научат како ефективно да ги мобилизираат ресурсите од локалната заедница, и да не зависат само од странски донатори.
„Благодарение на оваа иницијатива, граѓанските организации ќе бидат потранспарентни, релевантни и ќе добијат поголема поддршка од компаниите и индивидуалците за подобрување на животот во заедниците.“- Миа Вукојевиќ.
Зоран Стојковски сподели информации околу целите на мрежата SIGN (Мрежа на локални донаторски организации), како регионална мрежа за развој на филантропијата и локалните заедници. Г.Стојковски нагласи дека постоењето на една ваква регионална мрежа, укажува на фактот дека, во секоја од земјите во регионот е дојдено времето, да се свртиме кон нас самите, кон ресурсите кои ги имаме како држави и дека можеме да како општества самите да ги решаваме предизвиците со кои се соочуваат локалните заедници во својот развој во сите сфери на живеењето, а особено предизвиците на индивидуите и на оние групи на граѓани кои се во тешка позиција во нашите земји.
„ Веруваме дека секој поединец може да биде и е филантроп, и дека преку донирање на материјални и финансиски средства, како и преку волонтирање, може да придонесе кон подобрување на состојбата во секоја сфера (на пр, во решавањето на социјалните проблеми, подобрувањето на животната средина, развојот на руралните средини или на правата и состајбата на маргинализираните заедници).“
SIGN мрежата е основана во 2009та година како неформална мрежа која има за цел да ја зајакне регионaлната соработка на локалните донаторски организации. Во оваа мрежа членуваат BCIF (Белград, Србија), fAKT (Подгорица, Црна Гора), Фондација Мозаик (Сараево,БиХ), ЦИРа (Скопје,Македонија), FIQ (Приштина, Косово) и Фондацијата VIA (Прага, Чешка Република). Организациите – членки се вмрежија за да придонесат кон создавањето на поволна средина за развој на филантропијата, корпоративна општествена одговорност и граѓанскиот активизам, како и за зголемување на отчетноста и транспарентноста на секторот и зајакнување на капацитетот за мобилизирање на граѓаните и ресурси на локално ниво.
Граѓанското општество, во секоја од земјите од Западен Балкан, во текот на годините, има дадено голем придонес за демократизацијата и има значајна улога во застапувањето на интересите на граѓаните. Неопходна е континуирана ангажираност на граѓанското општество за продолжување на реформите во контекст на ЕУ интегративните процеси на земјите од Западен Балкан. Но граѓанските организаци се соочуваат со предизвици со кои се ограничува нивното влијание. Обезбедувањето одржливост и особено финансиската одржливост е од клучно значење за граѓанските организации од регионот. Во секоја од земјите во регионот граѓанското општество, според сите извори и извештаи, сеуште е кревко и зависно од странски извори на финансирање. Во меѓувреме, многу малку внимание е посветено кон стимулирање на мобилизација на локални ресурси.
Во Македонија, помалку од 10% од донациите и спонзорствата од локалната бизнис заедница одат во граѓанските организации. Во Босна и Херцеговина само околу 17% од граѓанските организации известуваат дека имаат придонеси од локалната заедница и 12% придонеси од бизнис заедницата, а во Хрватска пак само 6,2% од приходот на граѓанските организации доаѓа од компаниите. Во Србија ситуацијата е нешто подобра; 35% од граѓанските организации наведуваат финансиска поддршка од бизнис заедницата и 11% поддршка од граѓаните.