Продолжува проектот за реконструкција на фасадите на значајните градски јадра низ државата

Во насока на исполнување на програмата на Владата на Република Македонија, како еден од приоритетите во делот на заштитата на културното наследство, Министерството за култура и надлежните институции во 2012 година започнаа со реализација на повеќегодишен проект за обнова и конзервација на повеќе фасади во значајните градски јадра.

starogradska kukja Krushevo

Во рамките на овој проект, досега се промовирани шест реконструирани фасади на значајни споменички целини на објекти на градски јадра во Крушево, Скопје, Охрид, Битола и Прилеп.

Во Крушево беше промовиран првиот завршен проект, односно конзервацијата на фасада на семејна куќа со автентична стара крушевска архитектура. Завршена е и конзервацијата на фасадата на куќата лоцирана на улицата „Битпазарска“ во Старата скопска чаршија во Скопје, споменик на културата изграден меѓу двете светски војни.

Обновени се фасадите на автентичните споменични целини во Охрид, куќата на семејството Бојаџиеви лоцирана во стариот дел на градот, како и конзервација на фасадата од куќа на ул.7-ми Ноември.

Во Битола, беше реализирана целосната обнова на внатрешната фасада на  еден од најзначаните културно-историски споменици  во овој град, Старата битолска касарна во која од 1975 година успешно функционира Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј-Битола, додека  во Прилеп беше извршена целосна реставрација на надворешноста на куќата на Бектешовци, која е еден од ретките изворно зачувани примероци од староградската архитектура.

Годинава, Конзерваторскиот центар – Скопје предвидено е да пристапи кон  изработка на проекти за обнова на неколку фасади на улицата „Илинденска“, а во тек е интервенцијата на фасадите од строградски куќи со впечатлива надорешност во Кичево, Гевгелија, Кратово и Крушево.

Со реализацијата на овој повеќегодишен проект  ќе се даде придонес кон зачувување на  архитектонско-стилските вредности на градските јадра  и  секако  ќе  се  овозможи соодветен третман на споменичкото наследство.

You May Also Like