Програма за „Бела ноќ 2012“

На 06.10.2012 година (сабота), со мултимедијалниот перформанс на група македонски уметници, насловен како „Местото каде сум“, во 21:00 часот на Плоштадот Македонија, ќе почне 8-то по ред издание на градската Манифестација „Бела ноќ“.

Претходно, градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, во 20 часот, и официјално ќе го прогласи за отворено годинешното издание на „Бела ноќ 2012“.

-Годинава, Белата ноќ, официјално ќе биде отворена во Музејот на град Скопје, со изложбата на дела, лични предмети и приказни со наслов „Светот, Скопје и Скопјани“ во 60-те. Ме радува фактот што годинава оваа градска Манифестација има своја приказна што го раскажува културното живеење во Скопје низ децениите наназад, но и уметничкиот тренд од поново време. Ако ја погледнеме програмата на Бела ноќ 2012, може да забележиме дека станува збор за презентација на македонската култура, а прикажувањето на нивните уметнички достигнувања  се надевам дека ќе ги задоволат и најпребирливите вкусови на скопјани и ќе ги привлечат во сабота да ги посетат сите локации каде што ќе се реализира програмата на оваа Бела ноќ. Мислам дека Манифестацијава стана бренд на Скопје, а главниот град на нашава држава стана препознатлив по Белата ноќ во целиот регион од овој дел на Балканот. Би сакал да ги поканам сите граѓани на Скопје да присуствуваат на ова 8-мо издание на Белата ноќ и да уживаат во богатата програма што ја нуди  Манифестацијата во организација на Младинскиот културен центар-Скопје, истакна градоначалникот Трајановски.

Околу централниот настан, мултимедијалниот перформанс „Местото каде сум“, што ќе се одржи на Плоштадот Македонија, на денешната конференција за медиуми, говореше директорот на МКЦ, Златко Стевковски.

-Годинешната програма на Бела ноќ, е конципирана како збир на лични уметнички приказни поместени низ 5 декади во различни културни институции во градов, но програмата којашто ќе ја реализираат над 200 македонски уметници ќе спојува и многу други вон институционални локации насекаде низ Скопје. Уметност ќе се случува и во Старата скопска чаршија и низ улицата Македонија и на Плоштадот, каде што годинава ќе се одржи и спектаклот наречен „Местото каде сум“. Овој мултимедијален перформанс е компилација на пантомима, игран театар на сенки, живи бели скулптури во движење и тоа за прв пат во историјата на Белата ноќ, работен по сценарио и режија на македонски уметници, актери, кореографи, режисери, танчери, дизајнери, акробати, музичари…. Затоа ја имам честа да ве поканам на едно сосема поинакво отворање на Бела  ноќ, потенцираше Стевковски.
Град Скопје, од Буџетот за одржување на Бела ноќ 2012, одвои 3,5 милиони денари.

You May Also Like