Проектниот простор Прес ту егзит е организатор на две презентации и една работилница во рамките на второто издание на интернационалниот симпозиум “Кураторски размени 2013”.
Станува збор за „Оспорувани истории“ на уметницата Вахида Рамујкиќ, и предавањето и работилницата насловени „Југот како место од каде се гледа (а може и да се курира)“ на српскиот историчар на уметност, критичар и куратор Марко Стаменковиќ.
Презентацијата „Оспорувани истории“ на Вахида Рамујкиќ ќе се одржи во петок на 6-ти септември, со почеток во 19.00 часот, а презентацијата „Југот како место од каде се гледа (а може и да се курира)“ на Марко Стаменковиќ, ќе се одржи на 9-ти септември со почеток во 20.00 часот. И двата настани ќе се одржат во просторот “Концепт 37“ во Скопје.
„Оспорувани истории“ се однесува на учебници по историја за основно образование (преку 200 примероци во моментов) кои биле користени во различни преиоди на територијата на поранешна Југославија. Причината заради која се отпочнало со создавањето на оваа збирка е таа да биде достапна на јавноста и да инспирира серија на работилници, дискусии и нови проекти. Досега проектот бил претставен на различни места меѓу кои Младинскиот центар „Црна Куќа“ (Нови Сад), Биеналето Спа-порт (Бања Лука), Книжарницата на Центарот за културна деконтаминација (Белград), NGBK галерија (Берлин), 52. Октомвриски салон (Белград) итн.
Презентацијата „Југот како место од каде се гледа (а може и да се курира)“ на Марко Стаменковиќ, која ќе се одржи на 9-ти септември со почеток во 20.00 часот, во просторот “Концепт 37“ во Скопје, е замислен како долгорочен проект, кој официјално започнува со ова предавање и работилница во Скопје, а се заснова на теоретско и практично преиспитување на кураторската и уметничка пракса согледани од местото наречено „Југ“. Што значи да се погледне светот од местото наречено „Југ“, зошто е неопходно да се размислува и промислува нашата практика во светот на современата визуелна уметност токму од оваа позиција, и како функционира во контекст на глобализацијата, каде идеите за таканаречениот глобален анти-имеријален Југ егзистираат во однос на тие од глобалниот империјален Север? Ова се едни од водечките прашања околу кои ќе се води предавањето и кураторската работилница во оваа еднодневна програма.
Симпозиумот Кураторски размени е концептуализиран во 2012 како дел од програмата „Иницијатива за кураторски гостувања“, иницирана во 2005, се со цел да стимулира и поддржува истражување и имплементирање на нови кураторски проекти, како и да ги задоволи локалните и регионални потреби од прониклива и квалитетна размена на искуства и знаење во однос на уметничкото истражување, кураторските практики и едукација. Гости во 2012 година беа: Дороти Рихтер, Сузана Милевска, Софија Грандаковска, Славчо Димитров, Марко Стаменковиќ, Антонија Мајача и Башак Шенова.