Премиера на филмот „Битола во Европа“

Денеска (среда, 21 август) во 19:00 часот во Малата сала во Центарот за култура во Битола, премиерно ќе биде прикажан филмот „Битола во Европа“. Организатор е здружението „Граѓански патеки“.

bitola (1)

Документарниот филм ,,Битола во Европа,, е посветен на Битола – градот жив музеј под отворено небо како вистински предизвик за посетителите од цел свет, зашто тука можат да се слушнат приказни стари со векови. Почнувајќи од оние за неолитскиот човек, за периодот на доаѓањето на словените, богатата античка историја, турското владеење, времето на конзулите, илинденскиот период… низ кои тој прерасна во она што е денес – модерен административен, културен, економски, индустриски, образовен и научен центар во регионот.

Филмот ги претставува најважните туристички атракции во градот и околината, најзначајните културно историски споменици, но и богатата културна сцена која стана магнет за посетителите и знак за препознавање на градот на културата во светски рамки.

Особено се истакнуваат и космополитиските карактеристики на Битола кои се присутни како низ историјата, така и денес. Тоа е она што Битола ја прави град со силна традиција и култура, со значаен бекграунд, но и со огромни потенцијали кои во вистинска смисла на зборот ја означуваат како Европски град и неминовно го наметнуваат заклучокот дека Битола уште од многу одамна е во Европа.

Документарниот филм ,,Битола во Европа,, е во режија и по сценарио на Анета Шијакова, во продукција на невладината организација ,,Граѓански Патеки,,. Продукцијата на филмот е поддржана од страна на градоначалникот на општина Битола м-р Владимир Талески во рамките на Битфест.

По промоцијата на филмот, во 20 часот во галеријата ,,Мано Ди Мано,, (поранешно Де Ниро) на Широк сокак ќе бидат послужени антички специјалитети и античко вино кои своевремено се конзумирале во античка Хераклеја.

You May Also Like