Министерството за култура на Република Македонија денеска (вторник, 30 јули) во Музејот на македонската борба одржа презентација на проектот за изградба на нов објект на местото на сегашниот Драмски театар – Скопје по пат на јавно приватно партнерство или друг сличен модел.
Пред присутните претставници на бизнис-заедницата и медиумите, министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска истакна дека оваа презентација има за цел деловните субјекти да се запознаат со деталите и можностите на овој проект, со што би дале и придонес кон целосното конципирање на параметрите за реализација на проектот.
–Двата најголеми театари во Македонија, МНТ и Драмски театар неполни 50 години работеа во импровизирани монтажни објекти изградени во 1965 година како подарок на британската влада. Ценејќи го значењето и трудот на уметниците на овие простори во Програмата на Владата на Република Македонија и Министерството за култура, на местото на старите бараки на „Драмскиот театар“ и „Театар Центар“ предвидена е изградба на нови современи мултифункционални објекти по пат на јавно-приватно партнерство, рече министерката за култура.
Согласно моделот за реализација на овие проекти, по пат на јавно-приватно партнерство, делот во кој ќе бидат сместени театрите ќе биде во сопственост на државата, додека останатиот дел од објектите ќе биде даден на користење или пак во сопственост на приватниот партнер, кој ќе се вклучи во реализација на проектите.
Автори на идејното решение за објектот „Драмски театар“ се архитектите Емил Јегени, Елена Икономов, Јасна Милојковиќ и Билјана Стојменовска од студиото „Платформа“, додека идејното решение за „Театарот Центар“ е дело на архитектите Минас Бакалчев и Митко Хаџи Пуља.
Согласно идејното решение и Деталниот урбанистички план планираната висина на објектот „Драмски театар“ е 35 метри, а вкупната нето површина на објектот е 33.543 метри квадратни.
–Основниот проект за овој објект, со сите потребни фази е завршен во целост и добиена е позитивна ревизија. Фирмата Монтимпекс Инжењеринг-Скопје го изработи основниот проект за објектот кој треба да биде изграден на местото на сегашниот објект на Драмскиот театар-Скопје, појасни Канческа-Милевска.
Таа прецизираше дека на местото на досегашниот објект на МНТ –Центар пак планирана е изградба на современа зграда со висина од 40 метри која е во фаза на проектирање. За овој објект изработката на основниот проект е во тек и се очекува да биде готов за околу 3 месеци.
Канческа-Милевска информираше дека паралелно со изработката на проектната документација за предвидениот објект кој треба да биде изграден на местото на досегашниот објект на Драмскиот театар-Скопје, Министерството склучи договор со консултантската фирма „Грант Торнтон“ за изработка на физибилити – студија со која ќе се утврди оправданоста, моделите и начинот на реализација на овој проект, преку модел на јавно – приватно партнерство.
Физибилити студијата покрај законски потребните податоци ќе содржи и најмалку 5 модели-сценарија за реализација на проектот, од кои Министерството за култура и Владата на РМ ќе го изберат најсоодветниот. По изборот на конкретниот модел, консултантска компанија ќе биде задолжена истиот да го преточи во информативна бизнис меморандум, кој ќе биде презентиран пред најмалку 100 странски потенцијални инвеститори. Информативниот бизнис меморандум ќе биде испратен и до економските промотори на РМ, со цел тој да биде презентиран пред потенцијалните инвеститори во земјите каде се наоѓаат. По завршување на сите овие постапки, Министерството за култура ќе објави тендер (јавен повик) за изнаоѓање на инвеститор за реализација на проектот.