Од 25-ти до 27-ми јули 2013 година на двата терени на песок при Градска Плажа „Парк“, во организација на Град Скопје и Одбојкарската Федерација на Македонија, ќе биде организирано три дневно Балканско сениорско првенство во одбојка на песок во машка и женска конкуренција „Скопје 2013“. Покровител на турнирот е градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски.
– Задоволство ми е да ве информирам дека заложбите за квалитетен меѓународен турнир во одбојка на песок по изминатите три меѓународни турнири – вродија со квалитетен плод, бидејќи годинава, за првпат, Скопје ќе биде домаќин на сениорско Балканско првенство во одбојка на песок во машка и женска конкуренција. Токму за таа цел, како што налагаат пропозициите, деновиве ќе се направи уште еден помошен монтажен терен за одбојка на песок, каде што екипите ќе можат да тренираат и успешно да ги реализираат подготовките за натпреварите. Овој меѓународен одбојкарски настан е дел од програмата за одбележувањето на 50. годишнината од катастрофалниот земјотрес во Скопје под мотото „Скопје се сеќава“. Ова е навистина ретка можност на едно место да се видат сите најголеми одбојкарски имиња во моментов од Балканот, затоа би ја искористил оваа можност да ги поканам скопјани да присуствуваат на атрактивните мечеви на Градската плажа „Парк“ овој викенд, истакна градоначалникот Трајановски.
Шампионатот ќе се одржи на двата терени за одбојка на песок при Градска Плажа „Парк“, во термините од 10 до 13 часот претпладне, и од 17 до 23 часот попладне. На турнирот, покрај од Македонија потврдено е учество на екипи од 8 балкански држави: Србија, Романија, Албанија, Турција, Босна и Херцеговина, Бугарија, Црна Гора и Молдавија. Скопје за првпат ќе биде домаќин на сениорско Балканско првенство во одбојка на песок, со најголем број на учесници, над 50-тина натпреварувачи и околу 10 официјални лица, делегати и меѓународни судии.
–Натпреварувачите ќе пристигнат на 24-ти овој месец, а свеченото отворање на првенството ќе биде на 25.07. (четврток) со почеток во 20 часот, кога присутните ќе ги поздрави градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски. Споредувајќи ги нашите статистики ова издание на турнирот ќе биде најбогато со натпревари, се очекува овие три дена да се одиграат повеќе од педесет натпревари, а до сега пријавени се петнаесеттина машки двојки и 13 женски одбојкарски парови. Од Македонија ќе настапат, нашите репрезентативци и интернационалци: Јовица Симоновски и Филип Деспотовски; Александар Милков и Влатко Трајчевски, а од жените Власта Ружиновска и Сандра Георгиевска. Наградниот фонд на турнирот е навистина богат, па така за првите три места во машка и женска конкуренција обезбедени се награди во вредност од по 3, 5 илјади евра за секоја од конкуренциите. Со успешната организација на овој турнир Скопје полека, но сигурно си го зазеде своето место на Светската мапа на Бич волеј турнири, рече Зоран Карановиќ, генерален секретар на Македонската одбојкарска федерација.
Овој меѓународен спортски настан влегува во рамките на Програмата за одбележувањето на 50 годишнината од катастрофалниот земјотрес во Скопје, токму оттука, голем дел од делегациите од многу земји од светот, што ќе присуствуваат на одбележувањето, ќе присуствуваат и на чинот на свеченото отворање и на финалните натпревари на Шампионатот. Натпреварите од сите три натпреварувачки денови ќе бидат директно пренесувани на каналите на Македонската Телевизија.