Градоначалникот Коце Трајановски денеска, 02.09.2013 година, со претседателот на Советот на Град Скопје, Ирена Мишева, го посетија СУГС „Здравко Цветковски “ на првиот училиштен ден од учебната 2013/ 2014 година.
– Денеска почнува новата учебна година, а за некои од учениците е и прв ден во средношколските клупи, односно тие почнуваат и ново поглавје во нивното образование и живот. Годинава во прва година во средните училишта на Град Скопје се запишани околу 6 700 ученици, а ние постојано вложуваме во подобрувањето на условите во училиштата за да можат што поуспешно да ги совладуваат наставните програми, да стекнуваат нови знаења и да постигнуваат поголеми успеси. Како и изминатите години, така и годинава Градот инвестираше во реконструкција на фискултурните сали и објектите на повеќе училишта, каде што се санирани или заменети целосно покривите, столаријата, подовите на училниците, реновирани се санирарните јазли, односно се одвиваа и други градежни работи, во зависност од приоритетите и потребите на училиштето, за да се подобрат условите за работа на вработените и на учениците. Оваа година од Буџетот на Градот за реконструкција на средните училишта се издвоени околу 47 милиони денари, а во СУГС „Здравко Цветковски“ се реновирани санитарните јазли за кои се издвоени околу 2 милиони денари, истакна градоначалникот Трајановски.
Директорката на СУГС „Здравко Цветковски“, Драгица Костадинова, во изјавата за медиумите истакна дека е зголемен интересот за упис во училиштето и годинава тие запишале 5 паралелки повеќе од минатата учебна година, односно 4 во стручното и една паралелка во гимназиското образование.