Прва книжевна резиденција во Скопје

Душко Новаковиќ од Србија, Дарија Жилиќ од Хрватска и Беким Сејрановиќ од Словенија ќе престојуваат во три едномосечни претстои од 01 Септември до 01 Декември на резиденцијата специјализирана за автори и преведувачи од Југоисточна Европа, во организација на издавачката куќа Готен, под покровителство на мрежата Традуки.

writing

Меѓународно жири ги избра тројцата автори кои што ќе ја имаат можноста први да ја започнат резиденцијалната програма за книжевници „Скопје 2013“ под мотото „Апсолутно модерен“.

На отворениот повик се јавија преку дваесетина автори од регионот, луѓе со добра соработка со македонските автори, книжевници на кои Македонија им останала во добро сеќавање и автори кои сакаа да ја искористат можноста првпат да ја посетат земјата и да ја запознаат овдешната книжевна сцена. На повикот се пријавија и автори од Јапонија и Тунис, што е доказ дека Македонија е интересна земја и надвор од регионот и што е поттик за организаторот да ја прошири резиденцијалната програма и со автори од други региони.

Душко Новаковиќ (1948) е поет и преведувач, роден во Струмица, а живее и работи во Белград. Добитник е на речиси сите позначајни српски и југословенски награди за поезија. Превел многумина македонски поети, а автор е на антологијата на македонската поезија од 1945 до 2005 г. „Сон над хартија“.

Дарија Жилиќ (1972) е една од позначајните млади поетеси и критичарки, добитничка на најпрестижните хрватски награди за критика и за поезија. Преведена е на словенечки, италијански и англиски. Работи како новинарка, критичарка, и уредничка на книжевни програми. Честопати настапува како феминистичка активистка. Ова ќе биде нејзин прв престој во Македонија.

Беким Сејрановиќ (1972) е роден во Брчко, но поради војната живеел и творел во разни земји, Хрватска, Норвешка, САД. Со своите романи редовно влегува во финалето на наградите на Јутарњи лист и „Меша Селимовиќ“. За својот роман Нигде, одникаде ја доби „Меша Селимовиќ“ во 2008 г. Овој роман е веќе објавен на македонски, а и вториот негов роман Поубав крај ќе се објави и промовира токму за време на неговиот резиденцијален престој во ноември.
Авторите во Скопје ќе престојуваат во период од еден месец, во чии рамки ќе работат на своите дела или преводи, ќе посетуваат културни настани, организации и институции, а преку јавен настан ќе и бидат претставени и на скопската сцена. За да се оствари поголем ефект од нивниот престој ќе се организира нивно претставување и во еден од другите културни центри во земјата, а во одредени случаи и во блиските престолнини од регионот, Приштина и Белград.
Програмата има за цел да им овозможи на авторите од регионот подобро да се запознаат со книжевната, интелектуалната и културната сцена во Скопје и во Македонија и да остварат продлабочени и трајни контакти, кои во перспектива ќе ги направат пријатели и амбасадори на македонската книжевност и култура во регионот и во светот.

You May Also Like