Скопје годинава со „Појадок на два моста“

На 22 септември (недела), Град Скопје и СУГС „Лазар Танев“-Скопје, по четврти пат го организираат настанот „Појадок на мост 2013“, но овој пат на два моста, на Камен мост и на мостот Око.

Pojadok na most 2 (Medium)

Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, покровител на настанот истакна дека „Појадок на мост“ е уникатен настан на кој граѓаните и посетителите на градот Скопје имаат можност заедно да појадуваат на симболот на заедништвото Камениот мост, а од годинава и на мостото Око, поточно мостот којшто води од Кејот 13-ти Ноември во новиот објект на Археолошкиот музеј на Република Македонија.

Земајќи го предвид големиот интерес за овој настан, а заради специфичноста на просторот на кој се организира, како што им ветив минатата година на скопјани, оваа година настанот ќе го организираме на два моста – Камениот мост и мостот Око. Би сакал да ги информирам сите заинтересирани граѓани кои имаат желба да бидат дел од манифестацијата, дека треба да си обезбедат билет за влез на настанот. Сакал да напоменам дека заради просторот на кој се одржува настанот – Камениот мост и мост Око бројот на присутни гости е ограничен, затоа препорачувам сите заинтересирани граѓани да си подигнат билет започнувајќи од утре за да си обезбедат место на овој настан кој претставува единствен настан од ваков тип во регионот, истакна градоначалникот Трајановски.

Билетите ќе можат да се подигнат бесплатно на поставен пункт на плоштад Македонија пред ресторанот Пелистер од денес 13.09 (петок) до 19.09 (четврток), а пунктот ќе биде поставен од 10 до 15 часот. На 22-ри септември настанот ќе почне во 9 часот наутро и ќе заврши во 11 часот. На Појадокот на мост, граѓаните ќе ги забавуваат Уличните музичари на Град Скопје.

Директорот на СУГС „Лазар Танев“-Скопје, Зоран Николовски потенцираше дека по целата должина на мостовите ќе бидат поставени маси и столови, а гостите ќе бидат послужувани од нашите ученици, се со цел да биде обезбедена релаксирана атмосфера за сите присутни посетители на настанот. Секој посетител кој има обезбедено билет ќе добие бесплатен ланч-пакет, направен по Хасап стандардите и пијалак, обезбеден од нашите донатори, а на пунктот пред Градската кафеана Пелистер, влезница за Појадок на мост ќе можат да подигнат најмногу 2 500 граѓани, вкупно за двата моста, рече Николовски.

Градот Скопје, од Буџетот годинава издвои 450 000 денари за реализација на на овој проект, но настанот е помогнат од најразлични донатори, ресторани, пекари, хипер маркети, како и производители и увозници на храна и пијалаци кои традиционално донираат свои производи специјално за овој настан.

You May Also Like