Денеска, (вторник, 22 јануари) градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, ја прогласи за отворена за јавност постојаната музејска поставка на експонати од старите скопски занаети, сместена во Музејот на Старата скопска чаршија, депанданс на Музеј на град Скопје (сместен во просториите на Сули-ан, Стара чаршија).
На отворањето присуствуваше и министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска, како и директорката на Музејот на град Скопје, Љубица Кондијанова, којашто потенцираше дека станува збор за обновена, збогатена и адаптирана поставка сместена во еден целосто реновиран простор на којшто тимски се работело во изминатата година и половина.
– Задоволство ми е што денеска присуствуваме на отворањето на обновената и дигитализирана поставка во која влегуваат и обнова на енетриерот на музејските простории и обнова на изложениот материјал и музејската поставка. Ова е доказ за залагањата на Град Скопје за развој на повеќе сегменти од културата и тоа: обнова и осовремување на градските културни установи, промоција на културата во Старата скопска чаршија и секако придонес кон развој на културниот туризам, што е во согласност со Стратегијата за развој на културата на Град Скопје во периодот 2012-2015 година, истакна градоначалникот Трајановски.
Во 2011 и во 2012 година се реновираше и адаптираше просторот за музејската поставка, сместена во Музеј на Старата скопска чаршија, а Градот Скопје за оваа намена од Буџетот издвои 3,4 милиони денари.
– Во оваа пригода би сакала да го изразам моето задоволство што присуствуваме на отворањето на оваа постојана поставка, сместена во најавтентичното јадро во нашата метропола, а тоа секако е Старата скопска чаршија. Ова е уште еден од низата успешни проекти за реставрирање на Старата скопска чаршија коишто ги реализира Министерството за култура и Градот Скопје, а посетителите можат да видат вредни експонати што беа пронајдени во низата истражувања на Скопското кале, збогатени со ликовните дела на нашите најголеми уметници, како Коџоман, Мартиновски, Пандилов и други, потенцираше министерката Канческа-Милевска.
Постојаната музејска поставка на Музејот на Старата скопска чаршија, претставува единствен пример во нашава земја на среќно решена експозиција во еден културно-историски споменик, која има за цел да ја претстави историјата на Старата скопска чаршија и вредностите кои произлегле од неа, од 11. и 12. век до денес, вели Зоран Атанасовски, виш кустос етнолог во Музејот.
Поставката се состои од повеќе области:
– Археолошкиот дел ги презентира предметите добиени со археолошките истражувања во Чаршијата и во Скопското кале во континуитет од средниот век до османлискиот период. Преку монети и керамички предмети се добива слика за животот во Чаршијата и претстава за разновидната трговска и културна испреплетеност на овој простор.
– Историскиот дел, преку раскажаната историја на левиот брег на реката Вардар од 11. век наваму, преку изложени фотографии, карти и планови, го прикажува основањето, развојот и животот на Старата скопска чаршија, како и историјатот на позначајните културно-историски споменици во чаршијата.
– Етнолошкиот дел го презентира животот во Чаршијата преку неговите најдоминантни професии: занаетчиството, трговијата и угостителството коишто егзистираат во сосема изменет вид. На поставката главен акцент е ставен на повеќе занаети: ќурчиско-кожуварски, папуџиски, терзиско-срмаџиски, кујунџискиот, казанџиски и др.
Поставката е придружена со уметнички дела инспирирани од мотивите на Чаршијата. Застапена е првата генерација на македонски современи ликовни уметници (Мартиновски, Пандилов, Владимирски, Коџоман и др.), како и дел од современите ликовни уметници на Македонија (Анастасов, Мазев, Перчинков и др.).
Современиот пристап во музејската поставка секако ќе придонесе за подобрата едукација на младите во нивното запознавање со културното богатство на Градот Скопје, но и во зајакнувањето на туристичката понуда на градот, затоа што овој музеј е центар преку кој туристите и граѓаните ја осознаат богатата историја на Чаршијата и нејзиното функционирање низ вековите.
За повеќeвековното постоење на Скопската чаршија сведочат остатоците од материјалната култура најдени на територијата на Чаршијата уште од 12. век па наваму, документацијата, искажувањата на патописци, многуте културно-историски споменици лоцирани во Чаршијата, како и производите на одделни скопски занаети. Благодарение на поволната географска положба и на општествено – политичкиото значење на градот Скопската чаршија бргу се развивала и напредувала. Лоцирана е во централниот дел од градот на просторот меѓу скопската тврдина, Саат-кулата и кејот на реката Вардар.
Значењето на Чаршијата само по себе поттикна во 1983 година да се формира Музеј на Старата скопска чаршија, како депанданс на Музеј на град Скопје, сместен во споменикот на културата Сули-ан.