„Предизвик е да се прочита романот Сестрата на Зигмунд Фројд”, вели познатиот португалски проследувач на актуелните книжевни процеси Жоао Сеу е Силва, во дневниот весник „Диарио де Нотисиас“.
Романот „Сестрата на Зигмунд Фројд“ од Гоце Смилевски, објавен во Португалија во рамките на едицијата „Светски автори“ на издавачката куќа „Алфахуара-Обжектива“ од Лисабон, а во превод на Мигуел Ромеира, предизвикува интересирање кај истакнати книжевни критичари на оваа земја.
Познатиот португалски проследувач на актуелните книжевни процеси Жоао Сеу е Силва, во дневниот весник „Диарио де Нотисиас“, осврнувајќи се на споредбите кои критичарите во светот ги прават помеѓу романот „Сестрата на Зигмунд Фројд“ со делата на Жозе Сарамаго, вели дека тоа претставува потврда за авторот, но и обврска во однос на неговите следни романи, и додава: „Предизвик е да се прочита романот Сестрата на Зигмунд Фројд, исто како што сигурно било предизвик да се напише.“
Критичарот Жозе Рико Диреитино во угледниот дневен весник „Публико“, што излегува во Лисабон, меѓу другото, подвлекува: „Гоце Смилевски има напишано потресен роман, исполнет со рефлексии за природата на лудилото, како и за смислата на постоењето“.
За романот „Сестрата на Зигмунд Фројд“ Гоце Смилевски во 2010 година ја доби Наградата за литература на Европската Унија, а минатата година Наградата за медитеранска култура.