Поетот Јовица Тасевски Етернијан неодамна беше именуван за член на издавачкиот совет на угледното индиско научно списание „Сајбер литература“, заедно со д-р Даниел Селден од Универзитетот на Калифорнија и со познатата американска писателка со еврејско потекло, м-р Мишел Коен Корасанти.
„Сајбер литература“ е референтно списание кое излегува на англиски јазик и во него се објавуваат научно-истражувачки трудови од областа на литературата, уметноста и општествено-хуманитарните науки. Членови на редакцијата се професори од неколку индиски универзитети, а издавачкиот совет има интернационален состав. Списанието е вклучено во Директориумот на референтни научни списанија на слободен достап.
Именување на Етернијан за член на издавачкиот совет на списанието е извршено по доставените референци за него од страна на одговорниот уредник, проф. д-р Раџендрапрасад Шинде. Со тоа се отвора простор за поширока афирмација на македонската литература преку оваа референтна публикација. Во новиот број на списанието е објавена книжевна студија од проф. д-р Венко Андоновски, насловена „Писател од европски постмодерен формат“, за прозниот опус на еден од најпознатите и најнаградувани македонски писатели Блаже Миневски, со посебен акцент на неговиот роман „Нишан“.