Денеска (вторник,13 август) на програмата на Бит фест се неколку интересни настани:
На летната сцена на Тумбе кафе во рамките на Битфест 2013 ќе се одржи поетско-музичка вечер во организација на Универзитетскиот литературен клуб Дениција ПФБТ УКЛО. На настанот ќе учествуваат поети од редовите на студентите и професорите на Универзитетот Св. Климент Охридски – Битола, но и реномирани поети од Друштвото на писатели на Битола. Освен студентите-кант автори и проф. м-р Мери Кафкалеска Стоилкова ќе биде одговорна за музичкото расположение на публиката. Исто така ќе се доделува прва, втора и трета награда од стручно жири во состав од проф. д-р Јордан Стојаноски, проф. д-р Димитар Пандев и проф. д-р Валентина Гулевска, а ќе има и награда од публика.
Во 21.00 часот во културниот центар Магаза ќе биде промовиран документарниот филм „Бит Фест културолошка рефлексија на времето 2006 – 2013. Филмот го прикажува развојот на битолскиот летен фестивал низ годините.
Во 21.00 часот во Пациото на Завод и Музеј ќе се одржи фестивалот на староградски песни „Серенада на Широк сокак – медитерана“. На овој фестивал ќе учествуваат 16 интерпретатори и групи кои пред битолската публика ќе се претстават со хитови од серенадата, а најголемиот дел од песните ќе бидат нови и за прв пат изведени. Манифестацијата иако има ревијален карактер сепак меѓу поклониците на музиката од Македонија побуди голем интерес.
Борче Никодиновски организатор на овогодинешната серенада најавува фестивал со нов концепт во кој серенадите ќе имаат медитерански призвук. Се уште меѓу публиката живеат “Ратка“ на Горан Тодоровски или „Серенада“ на Гоце Николовски.
„Половина деценија паузираше пред се заради финансиски проблеми, а и годинашната серенадата ќе беше под знак прашалник ако не ја добиеше поддршката од Општина Битола и покровителот на “Битфест“, градоначалникот Владимир Талески. Серенадите ќе се изведуваат плејбек, но организаторите уште отсега го осмислуваат следното издание за кое имаат големи планови и надежи, вели Борче Никодиновски.