Подигнување на јавната свест за правата на лицата со посебни потреби

Вчера (четврток, 20 септември, 2012 година) на Плоштадот Македонија, се реализираше Мултимедијален настан за подигнување на јавната свест за промоција на еднакви права на лицата со посебни потреби, којшто е дел од Меѓународниот проект „Еднаков пристап за лицата со инвалидитет преку примена на методологијата „услужно учење“ ( „Ensuring Equal Access through Service Learning for Persons with Disabilities“).

Приоритетна цел на Градот Скопје е остварување ефективна социјална и здравствена заштита на лицата со посебни потреби, како и поддршка на иницијативи коишто се залагаат за остварување и подобрување на нивните права.

Во таа насока, Градот Скопје, реализира многу програми и активности што придонесуваат кон промовирање и унапредување на квалитетот на живеење на лицата со посебни потреби, и со тоа ја потврдува својата цврста определба за хуманизација на односите меѓу луѓето. Потврда за тоа е и поддршката што Градот Скопје, ја даде во организирање на денешниот мултимедијален настан. Придобивките од овој настан треба да бидат заземање правилен став и овозможување промоција и гарантирање на еднакви права на лицата со посебни потреби.

Проектот е поддржан преку Грант од Фондот за Иновативен Ангажман на Алумните на САД (Alumni Innovation Engagement Fund – AEIF), а имплементиран преку Македонско Американската Алумни Асоцијација (МААА). Проектот истовремено се реализира во Р. Македонија и во Р. Хрватска. Од 683 апликации, по периодот на гласање преку мрежата на алумните на САД (State Alumni Network – https://alumni.state.gov), овој проект беше рангиран како трет на светската ранг–листа.

Глобална цел на Проектот е почеток на суштински промени во образовниот процес и професионалното дејствување во општеството, а придобивките – да се заземе правилен став и овозможи промоција и гарантирање на еднакви права, согласно  со Конвенцијата на Обединетите Нации за правата на лицата со инвалидитет (чл. 24 и 9).

Проектот, почна да се реализира во ноември 2011 год. и покрај МААА, партнери во проектот се: Универзитетот Св. Кирил и Методиј (УКИМ), Скопје, Универзитетот Југоисточна Европа (ЈЕИ) во Тетово, Универзитетот Гоце Делчев – Штип, Универзитетот ФОН – Скопје, Универзитетот од Загреб, Универзитетот од Сплит, невладините организации Здружението на студенти и младинци со хендикеп, Мобилноста предизвик, Во мојот свет, Коалицијата за одржлив развој, Македонското научно здружение за аутизам, Дајте ни крилја (листата се зголемува секојдневно), а секако поддржувачи се Министерството за образование и наука, Министерството за труд и социјална политика и Македонската Радио Телевизија .

 

You May Also Like