Повторни овации за Битолскиот „Хенри VI“

Со стоечки овации и громогласен неколкуминутен аплауз беше поздравен Ансамблот на Народниот театар од Битола синоќа (23 јули, вторник) на изведбата на претставата „Хенри 6, трет дел“ во рамките на првото издание на „Битола Шекспир фестивал“.

henry_IV_naroden_teatar_bitola

Иако претставата во режија на Џон Блондел која минатата година беше изведена на Културната олимпијада во Лондон, се наоѓа на редовен репертор и доживеала над 20 изведби, сепак битолската публика покажа дека максимално ја почитува врвната актерска игра во ова дело за кое се бара влезница повеќе.

Пред почеток на претставата, во фоајето на Центарот на култура во Битола беше отворена и изложба на плакати на претстави од Шекспир кои биле изведени на сцената на Народниот театар во Битола. Јордан Плевнеш, ректор на Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА, во своето обраќање по повод отворањето на изложбата истакна дека од сите 6320 јазици кои се зборуваат на петте континенти, македонскиот јазик е еден од нив, а секој од нив има своја приказна за тоа кога е влезен Шекспир во неговата духовна меморија. Плевнеш пред присутните потсети дека првиот превод на Шекспир на македонски јазик е направен од македонскиот идеалист, штипјанецот Тодор Лазаров (1869-1912). На изложбата се претставени 21 плакат, почнувајќи од „Хамлет“ во режија на Љубиша Георгиевски од 1966 година, се до последната премиера на дело од Шекспир во 2012 година, „Ромео и Јулија“ во режија на Дејан Пројковски.shekspir_bitola_izllozba

Инаку, првото издание на “Битола Шекспир фестивал“ има позитивен одглас и на електронската страница која ги обединува сите светски случувања поврзани со Шекспир , каде познатиот шекспиролог Мартин Рендал, кој е гостин во Битола, секојдневно пишува рецензии за битолскиот фестивал во кои не го крие своето воодушевување од успешната реализација на првото издание на театарската манифестација посветена на Шекспир.

На програмата на „Битола Шекспир фестивал“ вечерва со почеток во 20 часот, на новата сцена во Народниот театар во Битола ќе биде изведена претставата „Бура“ во режија на Џон Блондел,во изведба на театарот „Лит мун“ од Калифорнија, САД.

You May Also Like