Во септември ќе се одржи шестото издание на „Пиволенд“.
Фестивалот оваа година се враќа на некогашната стара локација, скопското Кале.
Од 11 до 15 септември во Скопје ќе се случи шестото издание на фестивалот посветен на љубителите на пивото, добрата музика и храната „Пиволенд“. На голема радост на верните посетители, овогодинешното издание на фестивалот, ќе се одржи на својата стара локација, скопското Кале кое пред две години беше зборното место каде се точеше пивото и се уживаше во добрата музика до раните утрински часови.
„И оваа година се очекува посетителите да имат можност да вкусат триесетина видови пенливо задоволство. Секако бидејќи пиво не иде без храна, „Пиволенд“ им ветува вкусна гозба на сите гурмани во рамките на катчето за храна кое ќе биде засебен дел од фестивалот и ќе нуди избор на вкусови од десет различни ресторани со акцент на македонската кујна“-изјави Пане Темов, организаторот на „Пиволенд“.
Музичката програма сè уште ја чуваат како изненадување, но се најавуваат триесетина концертни спектакли.
„Нашата цел оваа година беше да се вратиме на Калето кое со самиот свој амбиент создава дополнителна магија фестивалот да биде поуспешен. Се потрудивме во однос на музичката програма да понудиме што повеќе изведувачи и бендови од домашната музичка сцена, па така и оваа година се фокусиравме целосно во промовирање на македонската култура. Што од друга страна пак не ги исклучува и гостувањата на неколку ѕвезди од регионот“-вели Темов.
„Пиволенд“ оваа година ќе има три стејџа со различен тип на музика, и тоа: главниот стејџ, ДЈ стејџот и кавер бенд стејџот.
Влезот на фестивалот, како и секоја година, е бесплатен за сите посетители. Традиционално и оваа година фестивалот ќе биде под покровителство на градот Скопје.