Пензионерите кои го паметат стариот театар го посетија новиот

Стотина пензионери од Скопје денеска (30 август, петок) го посетија новиот театар, ги прошетаа просториите со водич од кој слушаа за неговата изградба, за сцената, за значењето на орнаментите со кои богато се украсени таванот, ложите и балконите. Гостите денеска можеа и да ја видат новопоставената свечена завеса на која е насликан стариот театар што постоел до 1963.

02  teatar penzioneri

На посетата присуствуваа министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска и уметничкиот директор на Македонскиот народен театар Дејан Пројковски. Членовите на Сојузот на пензионерите на Македонија и нивниот претседател Драги Аргировски се задоволни што повторно имаат раскошен театар што ќе стои на местото на стариот покрај Вардар, на кој со носталгија се сеќаваат.

Импресиите се многу големи. Ова е нешто невидено на овие простори и мислам дека ќе биде врежано кај секој посетител, посебно кај нас постарите, зашто го знаевме стариот театар. Сега ова е нешто поново, многу поубаво и многу поперспективно, со повеќе сали, седишта… И благодариме на министерката за култура што ни излезе во пресрет да го посетиме овој објект бидејќи кај мене доаѓаа многу пензионери што сакаа да го видат и сега сите се одушевени. Соработката што Сојузот ја има со министерствата за култура и за труд и социјална политика е во интерес на 288.000 пензионери во Македонија, од кои 250.000 се наши членови, и таа треба да биде пример, истакна Аргировски.

011  teatar penzioneri

Претседателот на Сојузот додаде и дека пензионерите редовно ќе ги следат претставите во театарот, кои за нив со одлука на Владата се 50 отсто поевтини. Канческа-Милевска рече дека вратите на театарот се отворени за сите граѓани кои сакаат да го видат. Освен во понеделник, секој ден има четири термини за посети со водичи – во 11, 13, 15 и во 18 часот.

Од отворањето на театарот посетеноста е огромна, што може да се види од Книгата на впечатоци, во која има прекрасни зборови за се што може да се почувствува и да се види во театарот. Се надевам дека присутноста ќе биде уште поголема во наредниот период, истакна министерката за култура.

Објектот му беше свечено предаден на Македонскиот народен театар во мај, а во септември тој ќе почне да работи со премиерата на претставата „Вечна куќа“. Датумот на премиерата не е прецизиран зашто се уште се врши примопредавање на сценската технологија која е сложена и секој елемент посебно се атестира.

09  teatar penzioneri

013  teatar penzioneri

015  teatar penzioneri

 

You May Also Like