Утре (четврток, 8 август) МакеДокс го почнува патувањето со своето документарно кино во 9 населени места во преспанскиот регион.
Веќе четврта година по ред, летото во Македонија започнува со филмските приказни на „МакеДокс“ во Скопје, а завршува со Патувачкото кино низ Македонија.
Годинава, Патувачкото кино на „МакеДокс“ патува за Преспанско, крај преполн со селца и сончеви денови, прекрасна архитектура и недопрени природни убавини, неверојатни легенди и превкусни специјалитети. Но пред сè, патува затоа што гостопримливите преспанци одамна не гледале никаков филм на кино, а уште помалку документарен филм сретсело.
Патувачкото кино „МакеДокс“ е придонес во децентрализацијата на културните случувања во Македонија, особено меѓу оние коишто немале можност да седат пред големото филмско платно.
Патувачкото кино ќе патува од 8 до 18 август и ќе застане во осум преспански селца и гратчиња: Стење (8 август), Царев Двор (9 август), Езерани (11 август), Ресен (12 август), Подмочани/Грнчари (14 август), Сливница (15 август), Љубојно (17 август) и Долно Дупени (18 август). Проекциите започнуваат во 21.00 часот, а добредојдени се сите добронамерници.