Деновиве до редакцијата на cOoLTuRa.mk пристигна писмо од страна на група археолози со цел да придонесе во објективизирањето на најновите случувања врзани за македонската археологија и нивниот колега Паско Кузман.
Ви го презентираме писмото испратено од страна на група археолози во целост:
“Судбината на сите археолози е да бидат перципирани со сомнеж. Тоа се должи на фактот што тие се единствените легитимни истражувачи со професионална одговорност, објективно и темелно да го проучуваат и интерпретираат културното наследство. Заради овие „привилегии“, тие се често третирани како адвокати на минатото, но и како потенцијални злоупотребувачи на оваа „привилегија“. Речиси и да нема археолог кој во својата научна работа не искусил гордост што може на своите сонародници да им даде одговори за минатото, а притоа од истите да се перципира како шпион, препродавач или предавник.
Имајки го тоа предвид, некогаш е навистина тешко и одговорно човек да се определи да биде археолог, да се биде фален од едни, а обвинуван од други. Контроверзноста на јавниот дискурс која ја предизвикува оваа професија, всушност создава многу поголема одговорност на индивидуално ниво кај оној што се определил како археолог. Тој што решил да биде археолог, веќе однапред знае дека неговата професионална иднина се базира на етички компоненти кои треба постојано да ги потврдува и докажува. Од тие причини, во последните осумдесетина години, археологијата речиси и да не познава примери кога научната позиција е злоупотребена за реализирање на нелегитимни лични или национални интереси.
Меѓутоа, најновите случувања во нашето општество повторно фрлија сенка и сомнеж врз археолозите во земјава. Aрхеолозите во Македонија најчесто се претставници на државни институции и токму преку нив ја верификуваат сопствената археолошка етичност и научност. Но, заради низата медиумски шпекулации, тие се почесто се перципираат како криминалци кои единствено работат за сопствена корист. За воља на вистината, во Македонија, а ниту во светот, нема да сретнете археолог со лимузина, огромна куќа или станови и викендици распослани по туристичките центри. Оној што решил тоа да го има, одамна се откажал од археологијата, и уште на почетокот се посветил на подоходовни струки или сомнителни активности. Ваквата животна определба, јасно кажува дека археолозите немаат намера легитимно или незаконски да се збогатат преку својата професија, туку напротив, тие стремат чесно и одговорно да му се препуштат на поривот за истражување на минатото.
Како резутат на тоа, многу македонски археолози придонесоа во продлабочувањето на сознанијата за нашето културно наследство, а тоа го потврдуваат и бројните монографии, изложби и меѓународни проекти. Бројни наоди пронајдени, документирани и толкувани од нашите археолози се сметаат за врвни примероци на светското културно наследство и воедно и’ носат големо реноме на Македонија. Благодарение на археолозите, сега се знае за неолитските фигурини, железнодобните свештенички, раноантичките златни маски, римските театри или средновековниот накит. Да имаа археолозите друга цел, Македонија ќе беше археолошки пуста земја за чие културно наследство воопшто немаше да се знае, освен во аукциските куќи. Затоа е некоректно и неосновано, археолозите да се третираат како криминалци и апсолутно да се занемарат нивните придонеси и заслуги во откривањето и промовирањето на македонското кулутурно наследство.
Во тој контекст вреди да се спомене случајот со нашиот колега и пријател Паско Кузман, кој отвора низа полемики и проблеми меѓу археолозите и општеството, но и меѓу самите археолози. Паско Кузман е археолог кој многумина го познаваат, можеби единствениот археолог кого сите го познаваат. Тоа веројатно се должи на неколку фактори. Од една страна, тоа се неговата специфична природа и интригатните толкувања, додека од друга, него го познаваат и заради високата институционална функција и иницирањето на засега најобемните истражувања во македонската археологија. Заради тоа, тој е миленик и пријател на едни, а злонамерник и непријател за други. Токму случајот во кој е тој инволвиран и низата шпекулации со кои се нагрдени неговиот археолошки профил и воедно вокацијата на сите археолози, ја потврдуваат онаа горе наведена судбоносна археолошка нишка, да се биде фален од едни, а обвинуван од други.
Она што во еден ваков случај е најбитно, е всушност прашањето, колку и дали воопшто го познаваме Паско Кузман? Дали него го познаваме како колега од истражувачките кампањи, како пријател од градските улици или пак како археолошки шоумен генериран од телевизиските и печатените медиуми? Секако, овие одговори се индивидуални, но воедно ја отсликуваат нашата објективност и способност чесно да се расудува. А можноста чесно да се расудува зависи од контекстот, одговорноста, но особено од интересите. Многумина кои имаа корист од овој човек, колега или за некои само фантазер, сега се уплашени од контекстот за да можат да си дозволат да бидат одговорни, а уште помалку објективни.
За овие три етички категории (одговорност, објективност и чесност), може да говори или молчи секој археолог или археолошки тим независно. Ние како тим, кој работи на апликацијата за локалитетот Кокино и неговото вклучување во Листата на светското културно наследство при УНЕСКО, го запознавме Паско Кузман, и тоа најмногу како колега. Нашата лична одговорност и објективност ни дозволува да укажеме на неговата посветеност во една поголема идеја која имаше за цел да го претстави и внесе македонското културно наследство во сфери од кои полза имаат граѓаните, но и институциите во Македонија.
Довербата која ни ја укажа, но и желбата да се имплементираат светските стандарди, беа многу над неговите лични интереси и потребите за себе афирмирање. Тоа го покажуваа и неговата скромност и искрените разговори околу нашето минато и иднина. А овие разговори и контемплации ниту ја фаворизираа македонштината, ниту ја глорифицираа археологијата, ниту пак ги идеализираа луѓето. Тие беа едноставно скромни и човечни. Од оваа перспектива може да кажеме дека со тој археолог соработуваме, со тој човек дискутираме и тој Паско Кузман ние го познаваме.”
Од тимот за подготовка на апликацијата на локалитетот Кокино за Листата на светското културно наследство при УНЕСКО.