Отворен ден на УКИМ

Манифестацијата  „Ден на високото образование на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје ќе се одржи денеска (24 април 2013 година, среда) од 10,00 до 17,00 часот.

 

Оваа манифестација претставува всушност отворен ден на Универзитетот и е наменета за средношколците од сите училишта во Република Македонија, но и за сите оние кои сакаат да дознаат нешто повеќе за програмите на постдипломските и докторските студии на Универзитетот. Настанот ќе се одржи на плоштадот во кампусот за општествени науки на УКИМ, каде ќе бидат сместени штандовите на факултетите.

Посетителите ќе имаат можност непосредно во разговор со наставниот кадар и студентите да се запознаат со дејноста на најстарата високообразовна институција во нашата земја, нејзината долга традиција, мисија и визија. Во изложбените простори се предвидени разновидни презентации на активностите и проектите на наставниците и студентите, изложба на богатата научна дејност на Универзитетот: монографии, учебници, преводи и научни списанија.

Покрај другите активности предвидени се јавни дебати, многубројни наградни игри за посетителите, голема забава со концерт на студенти од Факултетот за музичка уметност во Скопје, Пламенка Трајковска и квартет и групата СУПЕРХИКС.

Министерот за образование и наука на Владата на Република м-р Панче Кралев и ректорот на УКИМ проф. д-р Велимир Стојковски заедно ќе ја посетат манифестацијата во 12,30 часот.

You May Also Like