Отворена меѓународната изложба „Словенските главни градови во 2Д“

Изложба за културното наследство, историјата и традицијата на 13 словенски престолнини е отворена денеска во Македонската академија на науките и уметностите …

manu izlozba slovenski gradovi 2

Најразлични типови и форми на пишувана меморија од најстари ракописи, мапи и планови, фотографии, постери, снимки, до современи дигитални документи кои сведочат за богатото културно наследство и повеќеслојна историја и традиција на 13 словенски престолнини: Скопје, Белград, Братислава, Минск, Цетиње, Москва, Софија, Киев, Прага, Варшава, Љубљана, Сараево и Загреб, содржи меѓународната изложба „Словенските главни градови во 2Д“, која е отворена денеска во Македонската академија на науките и уметностите.

Изложбата е резултат на соработката меѓу Државниот архив на Македонија и историските архиви од Белград, Љубљана, Киев, Братислава, Минск, Москва, Прага, Сараево, Софија, Варшава и Цетиње.

Министерката за култура Елизабета Канческа Милевска во обраќањето рече дека изложбата „Историјата на словенските престолнини низ државните архиви“ е резултат на успешната работа на Форумот на словенските култури, кој веќе 10 години ги негува културните традиции на словенските народи и ги промовира како трајни и универзални вредности во глобални рамки.

manu izlozba slovenski gradovi 1

Како претседател на Управниот одбор на Форумот, таа го потенцира значењето на Фондацијата, како и придонесот на Република Македонија која е една од земјите-основачи на Форумот и која активно придонесува во унапредувањето на меѓукултурниот дијалог и врските меѓу словенските народи.

– Државниот архив на Македонија заедно со историските архиви од Белград, Љубљана, Киев, Братислава, Минск, Москва, Прага, Сараево, Софија, Варшава и Цетиње преку изложбата ни ја претстави прекрасната духовна и материјална вистина за развојот на словенската цивилизација. Оваа изложба овозможува посетителите да се запознаат со динамичните културно-историски процеси на словенските престолнини, откривајќи ја нивната историја, култура, религија, нивните културни и општествени збиднувања, рече Канческа Милевска.

Таа истакна дека со претставувањето на изложбата во Република Македонија почнува одбележувањето на големиот јубилеј, 10 години од постоењето на „Форумот на словенските култури“.

– Јубилејното чествување ќе продолжи во заедничка изложба на земјите-членки на Форумот насловена „Словенските карневали“, која ќе биде претставена во седиштето на УНЕСКО во Париз во рамки на традиционалното одбележување на Денот на словенската култура, а потоа Република Македонија ќе биде првиот домаќин кој ќе ја преземе оваа значајна изложба на нашето заедничко нематеријално културно наследство, посочи Канческа Милевска.

manu izlozba slovenski gradovi 4

Додаде дека во Република Македонија во втората половина на годинава ќе се организира и третиот семинар од доменот на музејската дејност посветен на театарските поставки во музеите, во рамки на кој ќе се реализира и концерт на музички ансамбли кои ќе го презентираат нематеријалното културно наследство на земјите-членки на Форумот на словенските култури.

Директорот на Државниот архив на Македонија, Зоран Тодоровски рече дека посетителот на изложбата која ќе биде отворена до 7 април, има ретка можност на едно место да го види историскиот развој односно процесите и предизвиците со кои се соочувале главните словенски градови во Европа низ својот историски развој.

– Изложбата го опфаќа историскиот развој на градовите од нивното основање до денес. Секој главен град е претставен на три паноа со димензии 100×70 сантиметри, а на секое пано се претставани пет до осум значајни архивски материјали односно документи, фотографии, планови, мапи, ракописи… Текстовите на паноата и во објавениот каталог се на националниот јазик на државата и на англиски јазик. Скопје е претставен на три паноа со 16 архивски документи, проекти итн. кои датираат од средината на 19 век до 1966 година, истакна Тодоровски и додаде дека изложбата ја презентираат на Денот на архивската дејност на Република Македонија.

Изложбата е работена под покровителство на УНЕСКО и на 6 мај 2013 година беше промовирана во неговото седиште во Париз, а ќе биде промовирана и во другите градови, чии архиви учествуваат во проектот.

manu izlozba slovenski gradovi 5

manu izlozba slovenski gradovi 3

You May Also Like