Отворена изложбата на Сања Темелкова и Симона Манчева во Велес

Во Ликовниот салон во Велес синоќа (вторник, 10 септември) беше отворена самостојна изложба на младите академски ликовни уметници Сања Темелкова од Велес и Симона Манчева од Кавадарци.

veles panorama

Темелкова е претставена со десет свои скулптури во кожа. Таа е родена во Велес, завршила во средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“ во Скопје, лани дипломирала на отсекот декорација на Академијата за ликовни иметности Брера во Милано, каде што сега ги завршува магистерските студии.

Од 2009 е вработена во фирмата „АРЗАНИ“ за ѕидни декорации и реставрација на дрво во Пјаченца каде што живее и твори. Нејзините уметнички интереси вклучуваат скулптура, рециклирана уметност, керамика, дизајн на накит од сребро и бронза и мали уметнички предмети. Има учествувано во бројни групни изложби во Македонија и Италија.

Симона Манчева е родена во Кавадарци, завршила на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, каде годинава и магистрира на оддел сликарство. На изложбата во Велес е претставена со 22 слики од кои дел се минијатури.

Сликите се главно актови на жена и мртва природа. Нејзините уметнички интереси вклучуваат слики, серии слики, цртежи, објекти, уметнички книги, колажи и фотографии на различни теми (женски актови, дрва, книги, фигури, објекти) и обид да се претстави една идеја во различни стилови и техники.

Нејзините дела се претставени на самостојни и на групни изложби во Македонија и во странство.

извор: Канал 5

You May Also Like