Отворена изложбата „Замислувајќи го Балканот- идентитети и сеќавања од долгиот 19 –ти век“ во Чифте амам, во скопската чаршија …
„Замислувајќи го Балканот- идентитети и сеќавања од долгиот 19–ти век“ е насловена меѓународната патувачка изложба која синоќа свечено беше отворена во објектот Чифте амам во Старата скопска чаршија.
Пред многубројните гости се обрати претставникот на регионалното биро на УНЕСКО од Венеција, Синиша Шешум, а изложбата за отворена ја прогласи министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.
Во своето обраќање таа истакна дека на оваа значајна изложба која ја раскажува приказната за градењето и за развитокот на модерните нации во Jугоисточна Европа, посетителите на непосреден и автентичен начин ќе можат да се запознаат со балканската историја, со културата, религијата и со богатото културно наследство на овој простор, кое е универзално и препознатливо во меѓународен контекст.
-„Замислувајќи го Балканот е изложба која несомнено ги демантира негативните стереотипи за Балканот и ги антиципира вредностите кои не издвојуваат но, и не обединуваат во балканскиот и во европскиот културен простор. Таа е искрен придонес на балканските земји во одбележувањето на нашето славно минато и на нашата заедничка историја“, подвлече Канческа-Милевска.
Музејската поставка која е резултат на соработката на националните историски музеи од 12 балкански земји содржи 11 тематски содржини како „Животот во Стариот свет“, „Патувања и комуникации“, „Создавање и ширење на знаењето“, „Јавни манифестации“, „Мапирање“, и други тематски целини кои случувањата од националните истории ги позиционираат во еден глобален контекст. Секоја држава е претставена со 12 музејски предмети преку кои посетителите можат да видат како изгледа стереоскопот со 25 колор фотографии на Петар Петровиќ Његош и неговото семејство, грчкиот чибук, кутијата за бурмут на д-р Франце Прешерн, челичната круна на романскиот крал Карол Први, портретот на Вук Караџиќ, Германско-илирскиот речник и други експонати.
Македонија во рамките на поставката презентира вредни артефакти како сребрена табакера и сет за кафе од 19 век, БЕРАТОТ за трговија со западните земји на охридското семејство Робевци, кратката славјанска граматика од Партениј Зографски, тријазичникот на Ѓорѓија Пулески, копија од иконата со Седмочислениците на Дичо Зограф на која се претставени Кирил и Методиј со своите ученици, фотографија од Гоце Делчев со знамето на Крушевската чета и прогласувањето на Крушевската република, оригиналниот галички свадбен бајрак и краткометражни филмови на браќата Манаки.
Сите овие експонати, според министерката за култура, се потврда за цивилизациската присутност на балканските земјии и се потврда за заедничките заложби, културата и културното наследство да се промовираат како трајни и универзални вредности.
Координатор на проектот од Македонија е Даниела Николова од Музејот на Македонија, а оваа впечатлива поставка досега беше презентирана во Љубљана, Белград и Букурешт. Во периодот што следува изложбата ќе биде претставена и пред посетителите во останатите земји-учеснички во проектот: Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Германија, Грција, Кипар, и Црна Гора.
Изложбата е во организација на УНЕСKО и нивната канцеларија БРЕСЦЕ во Венеција.