Отворена зграда на Државниот архив и Уставниот суд, следува и Археолошкиот музеј

Ова е голем ден за големи настани, ден кога се прославува 22 години од независноста на Република Македонија и ден кога треба да се потсетиме на сите оние кои се бореле за самостојноста, истакна премиерот Никола Груевски при свеченото пуштање во употреба на новата зграда на Уставниот суд на Република Македонија и Државниот архив на Република Македонија.

фото:  Курир
фото: Курир

Особено сум горд, рече премиерот, што денеска присуствуваме на пуштањето во употреба на овие две институции. Повеќе државни институции, како што посочи, долг временски период се соочуваат со недостиг на простор за сместување кој ќе им обезбеди услови за нормално работење. Таков беше случајот и со Уставниот суд и Државниот архив на Република Македонија.

Покрај недостатокот на простор, карактеристично за овие две институции беше и плаќањето висока кирија, која се плаќаше од буџетот. Несоодветните услови и опременост на институциите беа главната причина во 2009 година да се започне со изградба на нов објект. Крајната цел што сакавме да ја постигнеме беше задоволување на инфраструктурните услови на уставните судии, судската и државната администрација и секако долгорочна заштеда во буџетот заради плаќањето на кириите за просториите кои се под наем, нагласи Груевски.

Овие свои функции цели пет децении Уставниот суд ги остваруваше во многу скромни простории и технички услови кои од далеку не одговараа на улогата и значењето на оваа институција.

Директорот на Државниот архив на Република Македонија Зоран Тодоровски во своето обраќање рече дека оваа нова зграда овозможува современ начин на чување на архивските документи.

На отворањето присуствуваше претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, претседателот на Собранието Трајко Вељаноски, министрите за здравство, образование и наука и за култура, Никола Тодоров, Спиро Ристовски и Елизабета Канческа Милевска, голем број пратеници и многубројни граѓани.

You May Also Like