Во организација на Таргет Комуникации и Град Скопје, седумдесеттина учесници вчера (31 јануари, четврток) дискутираа за изготвување на нова Стратегија за соработка на Град Скопје со Здруженијата на граѓани и фондации, за нејзината содржина, како и за модусите на нејзина имплементација во иднина.
„Граѓанското општество во рамките на градот Скопје претставува голема и разновидна заедница. Голем дел од граѓанските организации кои се регистрирани на територијата на град Скопје својата активност ја базираат на локално ниво, но не е мал и бројот на организациите кои деjствуваат во национални рамки. Токму ваквиот потенцијал на граѓанскиот сектор, но и надлежностите на Градот во овој дел, ја посочуваа потребата од дефинирање на соработката помеѓу Градот Скопје и граѓанските организации. За таа цел, во ноември 2007 година Советот на Град Скопје ја усвои Стратегијата за соработка со граѓанските организации заедно со Акцискиот план за нејзина реализација, чија главна цел е овозможување на активно вклучување на граѓанските организации во процесите на дефинирање на развојните политики, активности и иницијативи, како и создавање предуслови за оформување на ефикасни партнерства во нивно реализирање. Откако беше направено сумирање на резултатите и евалуација на начините на имплеметација на стратегијата од 2007 година, сметаме дека сме подготвени да дискутираме за креирање на новата Стратегија на Град Скопје со здруженијата на граѓани и фондации“, истакна Мирјана Апостолова, помошник-раководител на Секторот за меѓународна соработка и соработка и поддршка на здруженија на граѓани и фондации во Град Скопје.
Апостолова потенцираше дека Градот Скопје во однос на граѓанскиот сектор на ниво на градот Скопје е поставен според сите европски трендови и стандарди.
Оттаму, Градот Скопје, во креирањето на своите политики, активно ги вклучува сите членови на невладиниот сектор кои функционираат и на локално и на државно ниво. За потребите од комплетно информирање на граѓанските здруженија и невладиниот сектор на официјалниот портал на Градот Скопје, веќе подолго време функционира посебна страница наречена НВО Порта. За полесна организација и одржување на работни состаноци, отворен е и НВО Центарот, којшто функционира во рамките на Младинскиот културен центар – Скопје, секој работен ден. Годинава беа распишани 4 јавни повици за финансирање, кофинансирање и реализација на проекти на здруженијата на граѓани и фондации на ниво на град Скопје и од интерес на Град Скопје. Дефинирани се основните принципи на соработка со невладиниот сектор и воведен е и единствен систем на номинација, кофинансирање и реализација на проектите и друго, што ја поставува основата за зрела дебата за изготвување на новата Стратегија на Град Скопје за соработка со здруженија на граѓани и фондации за наредниот четиригодишен период.
Нацрт-верзијата на Стратегијата се очекува да биде изготвена во првата половина од оваа година. Инаку, во изминатите 4 години, Градот Скопје финансирал 797 проекти од различни области: образование, култура, социјална, детска и здравствена заштита, спорт, меѓународна соработка, како и локален економски развој.