Изминатиот викенд (на 11.12.2011 година, недела) во Дипломатик салата на Скопски саем, се одржа промоцијата на книгата „Хата-јога прадипика“ во превод и издание на Јога-сојузот на Македонија, во присуство на повеќе од 100 посетители. Ова е прв превод на еден од класичните текстови за хата-јогата на македонски јазик.
На промоцијата на присутните им се обратија наставниците по јога Стеван Милиќ и Катерина Наумова чиј е преводот на делото, како и учителот Павлос К. Хасанагас кој го напиша предговорот.
Преведувачите говореа за убавината и потешкотиите на кои се наидува при процесот на преведување на еден ваков древен текст. Обидите на текстот да не му се одземе ништо од неговата автентичност, а истовремено преводот да успее да го „дофати“ и духот на новото време, на новите читатели.
Учителот Хасанагас ја нагласи важноста на преведувањето на едно вакво дело на македонски јазик, што на нашите простори секако е одговорност на Јога-сојузот на Македонија како прва и најстара јогиска школа.
Беше најавена и следната, четврта по ред книга на Сојузот, која треба да се појави следната година како дел од одбележувањето на јубилејот 40 години континуирано предавање на јога во Македонија.
Книгата е достапна во продажба во книжарниците „ТРИ“ и „Табернакул“.