Општината Демир Хисар денеска организираше достоинствено чествување по повод 110 годишнината од херојска смрт на војводата Јордан Силјанов Пиперката во крвавата пресметка со турскиот аскер на 10-ти август 1903 година на Церско Поле.
Најпрвин, во селото Жван, на споменикот на Јордан Пиперката и сите загинати илинденци од овој крај, општинската делегација положи цвеќе, а потоа го посети селото Брезово – место познато од историјата каде што се случиле важни историски настани од илинденскиот период меѓу кои познатата опсада на Пиперката и неговата чета од страна на турскиот аскер на 14 декември 1902 година, како и родно место на познатите војводи Никола Врба, Костадин Војводата – Капиданот и Сотир Христов Војводата.
Пред спомен плочата на куќата од каде што Пиперката го надмудрил побројниот аскер, беше положено цвеќе, а писателот и публицист Ванѓелко Лозановски и уметникот Живко Поповски – Цветин, родум од Брезово, одржаа пригодни беседи за големите револуционерни подвизи на Војводата.
Општинската делегација ја посети и месноста Черешна каде што по негова желба е погребан Јордан Пиперката заедно со неговите соборци Ѓорѓи Бошковски од с.Мало Црско, Кузман Тодоровски и Милош Трајковски, двајцата од с.Бабино.
На гробовите и споменикот подигнат во нивна чест, делегации на Општината и Месната заедница Велмевци положија цвеќе, а младиот историчар Славчо Велјановски одржа историски час за херојските подвизи и револиционерниот пат на овие великани на македонскиот народ.
извор: regioni.mk