Огромен интерес за студирање на ФЕИТ

Повеќе од 300 нови студенти, само во текот на вчерашниот ден, се пријавиле за упис на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ). Ова е речиси 90-процентно исполнување на државната квота според Конкурсот за упис на нови студенти.

FEIT upisi

Раководството на Факултетот, поради ваквата ситуација, размислува да побара проширување на квотата за додипломски студиски програми, со цел да им се излезе во пресрет на сите заинтересирани за студирање на овој Факултет.

„Задоволни сме од интересот за упис на нашиот Факултет, кој, според досегашните пријави, е поголем отколку минатата година. Она што особено нè радува е квалитетот на пријавените кандидати, од кои 85% имаат повеќе од 80 поени од државната матура и средното образование. Размислуваме за барање да добиеме и проширување на државната квота со цел да овозможиме запишување на заинтересираните кандидати, што е во согласност и со политиката за зголемување на бројот на студенти на техничките науки.Истовремено, тоа ќе овозможи пријавување на квалитетни кандидати и во вториот уписен рок“, објаснува проф. д-р Христина Спасевска, продекан за настава на ФЕИТ.

Професор Спасевска се надева дека зголемениот интерес за запишување на ФЕИТ ќе продолжи, особено „поради заложбите на нашиот кадар да се иновираат студиските програми и да се следи развојот на модерната технологија. Уште повеќе, ФЕИТ е препознатлив по кавлитетот на инженерскиот кадар кој го создава повеќе од 50 години, а речиси и нема невработени електроинженери“.

Од ФЕИТ велат дека интересно е тоа што идните студенти пројавуваат интерес за сите студиски програми што ги нуди. Факултетот нуди седум студиски програми за додипломски студии, со што обезбедува образување на инженерски кадар од различни профили, вклучително од областа на автоматиката, електроенергетиката, компјутерските технологии и инженерство, електрониката и телекомуникациите.

You May Also Like